Професорката и поранешна министерка за правда Рената Дескоска преку објава на Фејсбук открива дека Министерството за правда во 2019 година не дало дозвола името „Иван Михајлов“ да се употреби како назив за културниот центар во Битола.
Таа вели дека реакциите на јавноста се оправдани.
„Овие неколку денови слушаме остри реакции околу името на културниот центар Иван Михајлов. Јавноста со право реагира. Се постави и прашањето околу тоа кој државен орган дозволил да се регистрира здружение под тоа име. Надлежен за регистрирање на здруженијата е Централен регистар. Доколку во името на здружението е внесено име и презиме на историска и друга позната личност, се бара нејзина согласност, ако е почината – согласност од нејзини сродници до трет степен во права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда. Во 2019 година кога е регистрирано ова здружение, побарано е одобрение од Министерството за правда. Министерството тогаш не дало одобрение за употреба на името Иван Михајлов. Министерството за правда го известило и подносителот на барањето дека не може да даде согласност за употреба на името Иван Михајлов“, напиша Дескоска на Фејсбук.
Известувањето дека не може да се даде согласност, објаснува таа, значи дека немате согласност од надлежниот орган.
„Овој случај покажува дека треба веднаш да почне постапка за носење измени на законот за здруженија и фондации во кои ќе се пропише јасна постапка за регистрирање на истите, јасни критериуми кои имиња би биле забранети за употреба и да се предвиди компетентна комисија која ќе оцени дали одредено лице е историска личност и да дава предлог за одобрување или не одобрување на употреба неговото име“, пишува Дескоска.