Десетици девојки и жени, главно студенти, излегоа на улиците на западниот авганистански град Херат во неделата на протест против забраната на талибанската влада за образование на жените.
Демонстрантите, поделени во помали групи, извикуваа „образованието е наше право“ и се собраа пред канцеларијата на гувернерот на провинцијата, изјави една од учесниците на протестот за германската новинска агенција dpa. Талибанските сили се обидоа да ги растераат со водени топови, стапови и палки, рече друг демонстрант.
На снимката од настанот се гледа како пожарникарско возило ги полева демонстрантите со вода, која се чини дека била измешана со некои хемикалии.
Одлуката на Талибанците да им забрани на девојчињата и жените да посетуваат училишта и универзитети наиде на силна меѓународна критика.
Министерот за високо образование на Талибанците рече дека забраната за универзитетско образование на жените е воведена поради фактот што студентките не се придржуваат до строгите правила за облекување, присуствувале на предавања без машки роднини и се мешале со студенти.
Жените и девојчињата се главно исклучени од јавниот живот откако Талибанците ја презедоа власта во август минатата година.
Министерството за економија во саботата им наложи на сите локални и странски невладини организации да им забранат на работничките да доаѓаат на работа, што е уште еден пример за задушување на слободите на жените во таа земја.
Вработените не смеат да работат до понатамошно известување бидејќи некои од нив не ги почитувале владините правила за носење хиџаб, шамија што ги покрива косата и вратот, а која жените треба да ја носат на јавно место.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во саботата изјави дека е „длабоко загрижен“ оти забраната на талибанците за жените да вршат хуманитарна работа во Авганистан ќе ја загрози клучната помош која спасува милиони животи. „Жените се клучни за хуманитарните напори ширум светот. Оваа одлука ќе биде погубна за авганистанскиот народ“, напиша Блинкен на Твитер.