Традиционалната Поетска ноќ во Велестово годинава ќе се одржи по 34 пат од 19 до 21 август на неколку локации во село Велестово и во Охрид. Во програмата се предвидени три поетски читања на кои ќе учествуваат десетина поети од земјава и од странство, ќе биде отворена ликовна изложба, а ќе има и работилница за креативно пишување и иновативно интерпретирање поезија наменета за млади од регионот.
Програмата ќе започне на 19 август, од 21 часот, традиционално во Велестово на сретсело, со поетскиот портрет на македонската поетеса Лидија Димковска. За нејзиното поетско творештво ќе беседи Сашо Огненовски, а специјални гости и годинава ќе бидат семинаристите што ја посетуваат 55 летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ.
По поетскиот портрет, истата вечер од 22 часот, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во село Велестово ќе биде отворена ликовната изложба на Никола Пијанманов ‒ „Плачот на Адам“.
– Програмата ќе продолжи следниот ден – „OH READ ‒ Поетски викенд и работилница за млади од регионот“. Настаните ќе почнат од 11 часот во просториите на „Касарна ХАБ“ во Охрид, за кога е предвидена работилницата за креативно пишување и иновативно интерпретирање поезија наменета за учениците од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ и за други заинтересирани млади од регионот. Искуствата ќе ги споделат поетите Селахатин Јолгиден (Турција), Мањола Наси (Албанија), Валентина Бакти (Србија), Диме Данов (Македонија) и Јулијана Величковска (Македонија) – се вели во соопштението од организаторите.
Од 18 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи и интернационалното поетско читање на кое ќе настапат поетите од проектот OH READ, но и другите поети учесници на фестивалот: Ким Симонсен (Фарски Острови), Лидија Димковска (Северна Македонија), Алеш Мустар (Словенија), Ана Голејшка Џикова (Северна Македонија) и Зоран Јакимоски (Северна Македонија). Во рамки на читањето предвидена е и една куса дебата за значењето на книжевните преводи.
Фестивалот ќе заврши со уште едно интернационално поетско читање „Поезија ‒ Залез“ што ќе се одржи во природа, на локација во селото Велестово што се наоѓа во националниот парк „Галичица“, на кое ќе настапат сите поети учесници на фестивалот, а ќе се дебатира и за улогата на пејзажот во книжевноста, со што би ја подигнале свеста за екологијата.
Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура, од Општина Охрид, од Комерцијална банка АД Скопје, како и од програмата на РЕАД ‒ Регионална Мрежа за Културна Разновидност, поддржана од Европската Унија, и други спонзори и пријатели на манифестацијата.