Во петок, највисокиот суд на Обединетите нации ќе издаде советодавно мислење за правните импликации од израелската окупација на палестинските територии, на барање на Генералното собрание на ОН.
Иако советодавните мислења на судиите на Меѓународниот суд на правдата (МСП) се необврзувачки, тие имаат тежина во меѓународното право и јасното откритие дека окупацијата е нелегална може да ја ослабне поддршката за Израел.
Процесот на советодавно мислење претходи на тековниот конфликт меѓу Израел и Хамас, а во посебен случај покренат од Јужна Африка, судот во мај издаде обврзувачка наредба Израел да ја запре офанзивата врз Рафах во Појасот Газа. Израел остро ја осуди оваа одлука.
Кон крајот на 2022 година, Генералното собрание побара од судот да ја процени израелската „долгорочна окупација, населување и анексија“ на палестинските територии, вклучувајќи го и Источен Ерусалим.
Израел ги освои Западниот Брег, Газа и Источен Ерусалим – областите на историската Палестина што Палестинците ги сакаат за своја држава – во војната во 1967 година и оттогаш изгради населби на Западниот Брег и постепено ги прошири.
Израелските лидери тврдат дека овие области не се легално окупирани бидејќи се на спорни територии, но Обединетите нации и поголемиот дел од меѓународната заедница ги сметаат за окупирани територии.
Во февруари, повеќе од 50 држави ги презентираа своите ставови пред судот, а палестинските претставници побараа од судот да утврди дека Израел мора да се повлече од сите окупирани територии и да ги отстрани нелегалните населби.
Израел не учествуваше на сослушувањата, но поднесе писмена изјава до судот во која се наведува дека издавањето советодавно мислење би било „штетно“ за напорите за решавање на израелско-палестинскиот конфликт.
Соединетите Американски Држави, најсилниот сојузник на Израел, побараа од судот да го ограничи секое советодавно мислење и да не нареди безусловно повлекување на израелските сили од палестинските територии.
Ројтерс забележува дека комисијата од 15 судии ќе започне со читање на своето мислење во 15 часот.
Во 2004 година, МСП издаде советодавна одлука дека израелската сепаративна бариера околу поголемиот дел од Западниот Брег е „спротивна на меѓународното право“ и дека израелските населби се воспоставени со кршење на меѓународното право. Израел ја отфрли таа одлука.
Ројтерс