Илјадници приврзаници на опозицијата синоќа во Тирана фрлаа молотови коктели врз зградата на албанската Влада и канцеларијата на градоначалникот и се судрија со полицијата во масовните протести. Тие го обвинија премиерот Еди Рама за корупција, побараа негова оставка и ослободување на опозицискиот лидер Сали Бериша, кој е во домашен притвор.
Тој е под истрага за наводна корупција за време на неговиот мандат како премиер од 2005 до 2013 година. Бериша ги негира наводите и го обвинува Рама за политичка одмазда.
„Протестираме да ја урнеме оваа влада. Поради тоа страдаме сите овие години, ништо добро не доаѓа од оваа влада“, „Тука сум поради проблеми во здравството и образованието, поради сиромаштијата. Ова ме загрижува. Луѓето ја напуштаат државата“, „Пред следните избори мора да имаме преодна влада која ќе гарантира дека нема да се украдат гласовите“… Ова се дел од изјавите на демонстрантите кои учествуваат во масовните протести во Тирана.