Демократската унија за интеграција остро го осудува невидениот притисок од страна на Владата врз органите на правдата, судството и обвинителството, се вели во реакцијата на ДУИ по најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Собранието ќе ги разреши петмината членови на Судскиот совет кои се избираат со гласовите на пратениците.
Оваа флагрантно мешање, се вели во реакцијата, придружено со прилагодливоста на одредени актери во овие институции кон политичкото влијание, го доведува во прашање вербалното залагање на власта за воспоставување на правна држава.
„Ситуацијата станува уште позагрижувачка кога партиски активисти се именуваат на највисоките позиции во правосудниот систем, загрозувајќи ја неговата независност и кредибилитет. Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, за време на традиционалниот говор на новогодишниот прием, потсети на неколку средби во 2017 година со актуелниот премиер Христијан Мицкоски, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и други високи функционери на оваа партија, кои се жалеа на конформизмот на одредени обвинители и судии. За жал, денес се повторува истиот пристап, дури и со поголем интензитет од страна на оние што некогаш го критикуваа тоа. Овој вициозен круг на прилагодливост и политички интервенции не е само напад врз независноста на правосудството, туку и ризик за самите темели на правната држава. Тој ја уништува довербата на граѓаните во институциите, ја подрива поделбата на власта и создава опасни преседани кои можат да ја оштетат демократијата и иднината на земјата на долг рок“, реагира опозициската ДУИ.
ДУИ, се додава, апелира за одговорен пристап и за почитување на принципите на независноста на правосудството.
„Политичките интервенции и клиентелистичките практики не смеат и не треба да бидат норма во функционирањето на нашата држава. Во едно демократско општество, правосудството мора да биде заштитник на граѓаните, а не инструмент на политички притисоци“, соопшти ДУИ.
Партијата апелира до меѓународната заедница да реагира на оваа, како што вели, загрижувачка состојба.
„Независноста на правосудството е еден од клучните столбови на демократските процеси и европските вредности и секоја политичка интервенција што ја загрозува таа независност бара итно внимание. Меѓународната реакција е клучна за да се обезбеди дека нашата земја, Република Северна Македонија, нема да се оттргне од патот на правната држава и евроатлантските интеграции“, соопшти ДУИ.
Партијата додава дека останува „цврсто посветена на заштита на независноста на институциите и зачувување на интегритетот на нашиот правосуден систем“ и ги повикува сите страни да размислат за последиците од овие интервенции и да го стават интересот на граѓаните над теснопартиските интереси.