Делегации положија свежо цвеќе во Монопол во чест на 7.144 Евреи испратени во Треблинка

Lorita
By Lorita 8 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Денеска претседателот Стево Пендаровски, претставници на Владата, претставници на политичките партии во земјава, како и на повеќе здруженија и организации положија свежо цвеќе во поранешен скопски Монопол од каде пред 80 години во три конвои биле спроведени до железничката станица и депортирани во логорот Треблинка.

Делегација на Владата на Република Северна Македонија предводена од заменик-претседателот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестии, Фатмир Битиќи, придружуван од Славјанка Петровска, министерка за одбрана, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи и Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство,

На одбележувањето свое обраќање имаше вицепремиерот Битиќи кое ви го праќаме во целост:

„7.144 Евреи, од ова место, каде што сега стоиме, пред 80 години, засекогаш ги нема. Нивниот живот заврши. Брзо, сурово, непотребно. Заврши поради лудата и крволочна идеја на неколку, кои беа потоа поддржани од многу други. Ете толку е лесно злото да надвладее. Затоа денеска, како и сите денови, гласот на разумот, светлината, прифаќањето, човечноста и демократијата мора да е гласен и јасен. Да го слушнат сите. Нивните животи можеби завршија, но нивниот дух е постојано со нас, да не потсетува и да не храбри. Злото на Холокаустот не смее да се повтори. Пред безмилосно да бидат убиени во логорот Треблинка, нивното тело и човечко достоинство беше кршено, ослабнато, изгладнето, поразено, слободата и идентитетот заробени. Но духот, не умира. Тој живее со оние и за оние кои се сеќаваат на нив, кои ги носат во умот и душата, оние кои со непокор застануваат пред злото и велат, доста е. Од тој непокор се изнедрува надеж за иднина и слобода, еднаквост, правичност и праведност. Денеска се сеќаваме на сите нив, тие не се бројка, тие се светлината која ни го покажува патот. Се сеќаваме, за никогаш да не се повтори. Слава им!“, порача вицепремиерот Битиќи.

Меѓу приустните беше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој заедно со Рашела Мизрахи и Бојан Стојановски се поклонија и положија свежо цвеќе пред споменикот.

„Овој чекор е сеќавање за човечката голгота и жртвата на невините луѓе, како и опомена за страотните последици на војната предизвикана од фашистичките окупатори на Македонија. Денеска се сеќаваме за 7144 наши сограѓани кои заминаа од своите домови и никогаш повторно не се вратија. Тагата и болката се сѐ уште присутни. Да извлечеме поука и да ја гледаме објективно историјата која ни кажува дека војната и непријателството го раѓа семето на злобата, уништувањето и заедничката несреќа. Таквиот геноцид е најцрниот настан во историјата на човештвото. Катастрофата од геноцидот никогаш да не се повтори, но и да не се заборави!“, објави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на ФБ.

Делегацијата на СДСМ положи свежо цвеќе на споменикот во чест на 7.144 македонски Евреи, кој се наоѓа во поранешниот скопски Монопол, како и пред споменикот на депортираните Евреи и споменикот на паднатите борци во Народно ослободителната борба (НОБ) на градските гробишта „Бутел” во Скопје.

- Advertisement -
Ad image

„Холокаустот на Евреите е тажно поглавје од светската историја, но и постојан потсетник со сите сили да се бориме против сите форми на антисеминизам и меѓучовечка и меѓунационална омраза“, велат од СДСМ и порачаа никогаш да не се заборави, за никогаш да не се повтори.

Одбележувањето на комеморацијата по повод 80 годишнината од Холокаустот на македонските Евреи денеска започна со „Поворката на живите“ од локацијата на поранешната железничка станица во Скопје до некогашниот Монопол кој во 1943 година беше собирен центар за депортација на евреите во логорот на смртта во Треблинка. Дел од поворката беа пратеници од Израел, претставници на еврејски здруженија од земјава и светот, претставници на парламентарни политички партии, претставници на дипломатски кор и 200 гости од Израел, од кои дел се обратија на комеморацијата.

Ернест Херцог од Светскиот Еврејски Конгрес во своето обраќање истакна дека само преку утврдување дека ужасите од минатото се интегрирани во светската свест, имаме барем некаква шанса да ги победиме силите на темнината кои му се закануваат на човештвото како целина, имено, силите на нетолеранција или антисемитизам, расизмот, исламофобијата и омразата воопшто.

- Advertisement -
Ad image

– Поради тоа мораме секогаш да се залагаме за интегритетот на историската вистина. Затоа денес велиме „се сеќаваме“. Се сеќаваме што се случи. Но, се сеќаваме и што изгуби човештвото на ова место. Се сеќаваме на 2.313 деца на возраст под 16 години кои беа однесени од овде, за никогаш да не се вратат назад. Колку потенцијални уметници, музичари, писатели и научници имало меѓу нив? Колку луѓе би го направиле овој свет подобро место? Ние се сеќаваме. Не се сеќаваме само на нивните страдања и смрт. Се сеќаваме и на нивните животи, идеи, очекувања и надежи што ги имале. Се сеќаваме и на нивните неродени деца и нивните внуци. Се сеќаваме – и нема да заборавиме – рече Херцог.

Марија Багдасарова од Европскиот еврејски конгрес рече дека Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, служи како моќен потсетник за ужасите од минатото и ја нагласува важноста на борбата против антисемитизмот, искривувањето на холокаустот и глорификацијата на нацизмот во денешен ден.

– Особено кога се чини дека сеќавањето на холокаустот станува се подалечен настан, додека преживеаните за жал нè напуштаат. Како и да е, нашето ветување да го одржуваме споменот на жртвите и преживеаните станува посилно од кога било досега и не охрабрува да продолжиме да се стремиме кон поправеден и сочувствителен свет – истакна Богдасарова.

Членот на Кнесетот Хамад Амар во своето обраќање изрази благодарност за посветеноста на Република Северна Македонија во зачувањето споменот на Еврејската заедница и Холокаустот, како што е видливо во различните меморијални настани.

Пепо Леви, претседателот на еврејската заедница во Северна Македонија рече дека 7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип, никогаш повеќе не ги видоа своите родни градови. Марија, Пепо, Жоли, Бесале, Дора, Давид , Руфел, Јаков, Боена, Мари, Естер, живееја во слога и мир со македонскиот народ, со Турците, Албанците, Србите, Ромите и со останатите народи од овие простори.

-Нека примерот на Евреите и соживот со Македонците и останатите народи од Македонија, според кажувањето на нашиот Мориц Романо, му биде пример на цивилизираниот свет како да ја гради иднината, демократијата и просперитетот, почитувајќи го основното човеково начело – правото на живот, она што ние Евреите го немавме во фашизмот. Македонските жртви на холокаустот од Штип, Битола и Скопје, нека претставуваат залог за живот во мир и слога, живот без војна и омраза, на тоа не обврзуваат милионските жртви од Втората светска војна порача Леви.

Комеморацијата по повод 80 годишнината од Холокаустот на Евреите од Македонија заврши со КАДИШ (молитва), и со полагање венци со свежо цвеќе на спомен обележјето во некогашниот монопол во Скопје.

Share This Article