Неколку цивили и војници загинаа во нападите на американските сили врз голем број локации и градови во источниот регион на Сирија и во близина на сириско-ирачката граница, соопшти денеска сириската армија.
Во соопштението се наведува дека во американските воздушни напади има и повредени, како и дека е причинета штета на државен и приватен имот, пренесува агенцијата Сана.
Се посочува дека во областа која е цел на американски напади во источна Сирија, сириската армија се бори против остатоците од терористичката организација Исламска држава и оценува дека тоа значи дека САД работат на „оживување на Исламската држава во Сирија и Ирак“, така што Вашингтон, како што се наведува, ги користел како „теренско оружје“.
Сириската армија нагласува дека нападите на САД немаат никакво оправдување, освен обид за ослабување на способностите на сириската армија и нејзините сојузници во борбата против тероризмот и велат дека сириската армија, без разлика, ќе продолжи цврсто да се бори за одбрана на земјата и народот на Сирија.