Градоначалникот на Чикаго Брендон Џонсон го прогласи септември за месец на македонско-американското наследство, откако неодамна и гувернерката на Мичиген Гречен Витмер повика македонската култура да се слави во оваа сојузна држава во текот на септември, јави Гласот на Америка.
– Чикаго е дом на горда и динамична македонско-американска заедница која го зацврсти градот во делот на уметноста и музиката, бизнисот и финансиите, правото и владата, образованието, социјалните услуги, науката и медицината – вели градоначалникот Џонсон во известувањето.
Тој истакнува дека македонско-американската заедница овој месец одбележува 32 години од независноста на македонската држава, повикувајќи ги „сите жители да се приклучат во славењето на многуте придонеси на македонските Американци“.
На 23 септември во Чикаго треба да биде претседателот Стево Пенадровски, кој ќе присуствува на настан организиран од „Македонија 2025“.
Освен во Чикаго, македонската култура месецов се слави и во градот Рејнолдсберг, Охајо, каде градските власти најавија дека македонското знаме ќе се вее пред општината до крајот на септември.
Во јули годинава, пак, републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Браун, претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.
Резолуцијата поднесена од сенаторот Браун, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.
Во меѓувреме „Здружението на потомци на бегалци и имигранти од територијата на Македонија и пријатели“, блиско до официјална Софија, упати барање до Сенатот да ја отфрли Нацрт-резолуцијата S.Res.311 поднесена од сенаторот Браун. Во своето барање Здружението ги изнесува добропознатите пропагандни тези за непостоење на македонскиот народ, јазик и следствено, македонска емиграција во САД, и ги обвинува подносителите за „фалсификати и манипулации, поврзани со минатото на географскиот регион Македонија“. Уште се вели дека Резолуцијата содржи и „докажливи лаги и е пример за уште една кражба на туѓо социо-културно наследство“. Ова барање на Здружението беше објавено целосно во бугарскиот печат, а се смета за дел од „дипломатска офанзива“ што неодамна ја најави новата вицепремиерка и министерка за надворешни работи на Бугарија Марија Габриел за „заштита на бугарските интереси“ во САД.
Засега нема информации кога треба да се случи гласањето за оваа иницијатива во американскиот конгрес, дали таа е веќе отфрлена, ниту пак има реакција од македонското МНР за напорите на Бугарија да ја саботира.
Обединетата македонска дијаспора (ОМД), на чие барање беа резолуциите во Мичиген и во Сенатот, ја поздрави иницијативата на градоналаникот на Чикаго.
– ОМД активно работи секоја држава и град каде има Македонци да прогласи месец на македонско наследство. Ваквата иницијатива почна од 2020 година и ќе продолжи во иднина – изјави за Гласот на Америка на македонски јазик коосновачот и волонтерски претседател на ОМД Мето Колоски.
Гласот на Америка на македонски ja контактирал и канцеларијата на сенаторот Браун за статусот на неговата резолуција во моментов, но оттаму сè уште нема одговор. Останува нејасно дали тоа значи дека Резолуцијата е ставена ад-акта, па наместо Ден на македонско-американско пријателство на ниво на САД, ќе се премине на прогласување таков ден во одредени држави и градови каде македонската дијаспора е побројна.