По жестоката јавна полемика меѓу членовите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), која почна со францускиот предлог и се прошири на прашањето дали Македонците се дискриминирани во својата земја, се чини дека идејата за создавање нова академија на Албанците во Македонија и не е така далеку од практична реализација.
Ова прв јавно го најави академик Абдулменаф Беџети, во колумна за „Лајм“, откако академик Катица Ќулафкова проговори за можноста за формирање трета албанска академија, со што академиците Македонци и академиците Албанци во МАНУ конечно би се раздружиле.
„Слободен печат“ открива дека група незадоволни професори Албанци, чии кандидатури за членство во МАНУ биле одбиени, лани кон крајот на декември формирале „Здружение за наука и уметност на Албанците“, со нескриени амбиции тоа да прерасне во академија на науките и уметностите на Албанците во Македонија. Во Здружението засега ги нема академиците Албанци од МАНУ. Тоа се самофинансира, но членовите велат дека ќе бараат пари и од државата.
„Ние можеме да се разделемие од анти-европското МАНУ без проблем“, напиша Абдулменаф Беџети во колумната за „Лајм“ и објасни како би течело раздружувањето. Имено, академиците Албанци планираат веднаш да повлечат 30 отсто од јавниот буџет на МАНУ и да станат „делничари со сите јавни активи, кои што се создадени од јавните пари на даночните обврзници“, објаснува Беџети.
Што им загрешија академиците Македонци на академиците Албанци, за да дојде до вакви директни и разработени предлози МАНУ да се подели?
Дел од академиците предводени од претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев и од Катица Ќулавкова отворено и жестоко ги критикуваа францускиот предлог, унилатералните изјави за јазикот и гласањето на партиите на Албанците во Собранието за заклучоците за преговарачката рамка. Академик Ќулавкова изјави дека малцинските етнички заедници се привилегирани во однос на мнозинскиот и конститутивен македонски народ. Коцарев, пак, изјави дека Македонија во 2084 година ја гледа како земја во која повеќе не живеат Македонци, кои, според него, ќе бидат целосно истребени, а земјата ќе биде „делумно рамноправна членка на ЕУ“.
На ова жестоко одговори академик Абдулменаф Беџети и напиша:
„Нема да се занимавам со ‘повикот’ на академик Коцарев за отпор кон интеграциските процеси на земјата под изговор за зачувување на инаку незагрозениот македонски идентитет, туку ќе се занимавам со предлогот на академик Ќулафкова за создавање трета Албанска академија, како што вели таа во последното интервју на ТВ Канал 5.
Доколку не нè сакаат во својот круг, застапени колку што сме и како што сме, еве, јавно изјавувам, без консултација со другите колеги Албанци, верувајќи дека ќе немаат забелешка, дека ние можеме да го создадеме тоа. Но, повеќе не ‘илегално, неформално и приватно’, како што сме постапувале во минатото со нашите почетни, основни институции, туку да се разделиме веднаш, и без двоумење со сите финансиски, просторни и технички средства. Веднаш да повлечеме 30 отсто од јавниот буџет на Македонската академија на науки и уметности, и да станеме делничари со сите јавни активи, кои што се создадени од јавните пари на даночните обврзници.
Со сила не се опстојува заедно, и место да имаме научна продуктивност, ние ја губиме творечката енергија, занимавајќи се со дневните политики и верските, културните, етнички и други фрагментации. Ако Катица Ќулафкова, или некој друг, претпоставуваат дека ќе може да се ‘ослободат’, од нас, без да ни се додели делот од нашиот имот, длабоко самите се измамуваат, бидејќи, прифаќаат или не тие, Северна Македонија не е само нивна држава!
Веќе сме докажале дека не само што знаеме, туку дека и подобро од нив правиме научни и образовни институции. Затоа, ја прифаќаме ‘фрлената ракавица’“!
Плусинфо од кругови на македонските академици побара мислење за острите тонови и за одлучноста во изјавата на академик Беџети. Изворите се воздржани и засега не коментираат јавно, оценувајќи дека ситуацијата е деликатна и дека не е моментот да се долева масло на огнот. Сепак, добро упатен извор во состојбите во МАНУ, ни објаснува:
– Мислам дека ова е обид за дисциплинирање на академиците Македонци кои настапуваат од позиции на одбрана на националниот идентитет на својот народ, кој евидентно е загрозен во Преговарачката рамка на ЕУ. Можно е во тие реакции да имало и преостри тонови, но тврдам дека не е излезено од рамките што ги дозволува уставно загарантираната слобода на изразување, која важи за сите, па мора да важи и за членовите на МАНУ. Факт е дека Македонците се длабоко навредени и повредени од последните настани и дека на некој начин се чувствуваат дискриминирани во сопствената држава. Не може да се очекува некој на академиците да им забрани да говори за тоа. А сосема друго прашање се внатрешните проблеми и тензии во Академијата, кои не се од вчера. Од тој аспект, Беџети е во право. Ако не постои желба да се опстане заеднички во една институција, можеби е подобро да се размислува за раздружување. Зашто и ставот „ќе си одиме ако не нѐ сакате, можеме подобро од вас“ е уцена. Не треба да се потклекнува на уцени, нека се случи она што треба да се случи.