Неодамнешните трагични случувања со убиството на 14-годишното девојче и на 74-годишниот велешанец, отвораат дополнителни сомнежи дали главниот осомничен за организацијата на делото, Љупчо Палевски, познат по прекарот Палчо, бил вклучен и во други монтирани случаи, соопшти денеска Европскиот сојуз за промени составен од Алтернатива, Беса и Демократско движење.
„Кога министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски изјави дека главниот осомничен кој го изврши убиството на Вања, како и неговите соработници, работеле за моќни антизападни центри, тогаш логично е да се сомневаме дека истите организатори на убиството на Вања, се вмешани и во организацијата на случајот ‘Монструм’ каде на грозоморен начин беа убиени пет млади момчиња. И сето тоа, во пресрет на верските празници, со цел преку меѓуетнички тензии да предизвикаат дестабилизација на општеството. Затоа, Европскиот сојуз за промени бара од Министерството за внатрешни работи и од правосудните истражни органи да излезат и јавно да ја информираат јавноста каде бил Љупчо Палевски – Палчо на 24 април 2012 година, денот кога се случи монтираниот случај ‘Монструм’? Од друга страна, бараме од Министерството за правда и од МВР, не само да ја заморуваат јавноста со изјави во кои се објаснуваат постапките за екстрадиција, туку да го истражат и конкретно да го наведат денот кога ќе биде екстрадиран од Турција главниот осомничен за организирање на убиството на Вања и Панче“ – соопшти Европскиот сојуз за промени.