Замолувам да не ни се држат лекции од страна, бидејќи сите земји членки на Европската Унија сега да треба да поминат низ она што поминуваме сите ние тука за да влеземе во Унијата, тогаш три четвртини од земјите не би го поминале тестот, порача српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.
Ова тој го изјави во своето обраќање денеска за време на потпишувањето на Декларација за борба против корупција во рамки на 30. Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје.
Дачиќ рече дека не постои борба против корупцијата без полиција, правосудство и обвинителство.
– Она што мене малку ме нервира во сето ова е дека ние самите за себе велиме дека сме шампиони, а всушност не сме. Шампионите се таму каде што има пари, каде што има моќ и влијание, таму каде што корупцијата се спроведува во форма на закон. Да се земе провизија на запад е легално, а кај нас е корупција. Жал ми е што и тие не се тука на потпишувањето на декларацијата, бидејќи први треба да ја потпишат – рече Дачиќ.
Според Дачиќ, борбата против корупцијата и организираниот криминал не може без целосната координирана акција и меѓународна соработка.
– Не се тука сите земји од нашиот регион. Мислам дека тие се повеќе во корупција од нас. Ние тука можеме само да дадеме одредена политичка поддршка – додаде Дачиќ.
Декларацијата потпишана денеска ја нагласува потребата од ефективни стратегии за справување со корупцијата. Финансиските истраги, искористувањето на дигиталните технологии и враќањето на нелегално стекнатите средства се нагласени како клучни компоненти на овие стратегии. Со спроведувањето на овие мерки, потписниците се стремат да создадат средина која промовира одговорност, транспарентност и добро владеење.
Во заедничката декларација се нагласува важноста на силната политичка волја во борбата против корупцијата. Колаборативните напори се од суштинско значење за ефекктивно да се реши овој комплексен предизвик. Признавајќи дека корупцијата не познава граници, потписниците ветуваат дека ќе работат заедно за да ја спречат, истражат и гонат корупцијата низ Југоисточна Европа. Само преку колективна акција можеме да постигнеме значителен напредок во искоренувањето на корупцијата, се нагласува во документот.