Паневропскиот филмски фонд „Еуримаж” на 169-та сесија во јуни оваа година го поддржа филмскиот проект на режисерката Тамара Котевска „Човек против јато” со износ од 265.000 Евра.
– Ова е втор македонски проект кој е поддржан оваа година од „Еуримаж“, а е во режија на Тамара Котевска. Копродукцијата е помеѓу македонските продуценти Аполо Креатив Солушнс и Астерикс продукција и копродуцентите Филмоскопија од Србија, Зеинофилм од Турција и Нуклеус филм од Хрватска – изјави Тања Ќурчинска Пепељугоска, македонскиот национален претставник во „Еуримаж“.
Куриозитет е тоа што биле пријавени 111 копродукциски проекти, бројка која не се памети во една иста сесија во историјата на „Еуримаж“.
– Во ваква конкуренција проектот „Човек против јато“ беше оценет одлично и рангиран на високо 3. место на ранг листата во својата група. Коментарите за проектот беа скоро идентични, би цитирала неколку: „…преубав проект кој остава силно чувство; навидум локална тема, но со исклучителен универзална димензија; режисерката точно дефинира што сака да постигне; јасно сценарио од почеток до крај. Во јунската сесија од вкупно пријавени 111 проекти, 33 добија финансиска поддршка од Еуримаж и до толку е позначајно што меѓу нив е и еден македонски проект – рече Ќурчинска Пепељугоска.