Околу една четвртина од возрасните во САД постари од 50 години, кои се уште не се пензионирани, очекуваат никогаш да не се пензионираат, а 70% од нив се загрижени дека цените растат побрзо од нивните приходи, покажа истражувањето на Американската асоцијација на пензионери, пренесува АП.
Речиси секој четврти испитаник нема заштеди за пензионирање.
Истражувањето покажува дека Американците се повеќе се загрижени за тоа како да врзат крај со крај, иако економистите и креаторите на политиката велат дека американската економија достигнала „меко слетување по две години рекордна инфлација“.
Секојдневните трошоци и трошоците за домување, вклучувајќи ги плаќањата за кирија и хипотека, се најголемите причини зошто луѓето не можат да штедат за пензионирање.
Податоците ќе бидат важни во оваа изборна година, бидејќи претседателот Џозеф Бајден и неговиот речиси сигурен противник Доналд Трамп се обидуваат да ја добијат поддршката од постарите Американци, кои традиционално гласаат во голем број.
-Премногу луѓе немаат пристап до опциите за пензиско штедење, а тоа, заедно со повисоките цени, им отежнува на луѓето да изберат кога да се пензионираат – изјави потпретседателката на истражувањето, Индира Венкатесваран.
Уделот на луѓе на возраст од 50 и повеќе години кои велат дека не очекуваат да се пензионираат остана стабилен.