Четворица малолетници попладнево во тешка здравствена состојба се примени на Клиниката за Токсикологија.
Малолетните лица кои се на возраст меѓу 14 и 17 години се хоспитализирани на Токсикологија, а биле донесени со пореметена свест и со бројни повреди по телото, потврдува за Курир директорот на клиниката, Андон Чибишев.
Тинејџерите попладнево биле пронајдени во куќа во Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на терен затекнале двајца од четворицата во безсознание, како и алкохол и психотропни супстанци.
„Полициски службеници од СВР Скопје постапиле по пријава за нарушен јавен ред и мир и притоа е утврдено дека во куќата на Д.Г. (40) имало четири малолетни лица, од кои две биле во безсознание и истите консумирале алкохол и психотропни супстанци. Лицата се пренесени на Клиниката за токсикологија и во координација со јавен обвинител, кој излегол на лице место, се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информира МВР.