Четири воени советници на Иранската револуционерна гарда се убиени во израелски воздушен напад врз Дамаск, објави државната агенција Тасним.
Иформацијата ја потврдил и корпусот на иранската револуционерна гарда. Меѓу убиените се и командантот на гардата и еден од неговите заменици.
– Бруталниот криминален режим на Израел повторно го нападна градот Дамаск. Како резултат на воздушниот напад на борбени авиони на узурпирачкиот режим на агресор, загинаа неколку припадници на сириските сили и четворица воени советници – според ИРГЦ.
Тасним пренесува дека неколку сириски цивили биле убиени и за време на израелски воздушен напад во областа Меза во Дамаск.
Весникот „Шарг“ наведува дека меѓу загинатите ирански офицери е и заменик-шефот на разузнавачките служби на специјалните сили на ИРГЦ Ал-Кудс, генералот Садег Омиџадех.
Локалните медиуми јавуваат дека четирикатницата била целосно уништена при нападот.
Неколку цивили се убиени и повредени во израелски напад врз сирискиот главен град Дамаск, соопшти сириското Министерство за одбрана.
– Израелскиот непријател изврши воздушен напад од окупираната Голанска Висорамнина околу 10.20 часот, при што погоди станбена зграда во областа Ал Меза во градот Дамаск. Нашите системи за противвоздушна одбрана одговорија на непријателските ракети и соборија некои од проектилите. Како резултат на агресијата, неколку цивили загинаа и беа повредени, зградата беше целосно уништена, а соседните куќи беа оштетени – се вели во соопштението на Министерството за одбрана на Сирија.
ИД редовно изведува напади на територијата на Сирија.
Високиот воен советник на Иранската револуционерна гарда, да потсетиме, неодамна беше убиен во израелски воздушен напад во близина на сириската престолнина Дамаск. Генералот Сајед Рази Мусави, наводно, бил задолжен за координација на воениот сојуз меѓу Сирија и Иран.