Заклучно со 7 март, во Македонија се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица, а од заболените 33 лица се хоспитализирани, и тоа 28 од нив на возраст до 4 години.
Во периодот од 1 до 7 март се регистрирани 50 нови случаи на голема кашлица. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, најголем дел од случаите се пријавени во Скопје – 43, во Тетово – три, по еден во Кочани, Кавадарци, Куманово и во Битола. Од новите случаи, пет се хоспитализирани. Станува збор за четири бебиња на возраст под една година и едно дете од возрасната група од една до четири години.
Возраста на заболените се движи до 40 години, а најголем број случаи се од возрасните групи деца од 10 до 14 години.
Заклучно со 7 март, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица. Од нив, 102 случаи (односно 58,0%) не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација, се наведува во извештајот.
Од заболените, 33 лица се хоспитализирани (19,0%), и тоа 28 (84,8%) од нив на возраст до 4 години.
Според препораките на Комисијата за заразни болести од понеделник во градинките нема да се примаат децата кои не се вакцинирани со ди-те-пер, а од Државниот здравствен и санитарен инспекторат најавија засилени инспекциски контроли.