Бурата Сиаран донесе силни ветрови и силен дожд на југот на Англија денеска, принудувајќи ги властите да ги запрат железничките услуги и да наредат затворање на неколку училишта. Налетите на ветерот со брзина од над 160 километри на час се забележани и на островите во Ла Манш и во Франција, каде што ноќта е забележана првата смртност од невремето.
Жолти и портокалови временски предупредувања се во сила за делови од Англија, Шкотска и Велс, што претставува опасност за животот и имотот. Повеќе од 300 училишта се затворени, а околу 40 жители на островот Џерси се евакуирани во хотели, јавува британски Би-Би-Си.
Највисокото, трето ниво на предупредување важи и за три француски одделенија. Во меѓувреме, метеоролозите исто така издадоа предупредувања за силни налети на ветер за регионот Ил-де-Франс, кој го опфаќа Париз. Затворени се неколку приградски железнички линии околу главниот град. Во Франција, во текот на ноќта е забележана првата смртност од невремето, откако дрво падна врз возач на камион, изјави министерот за транспорт Клемент Бон за телевизијата Франс Инфо. Повредени се уште две лица, меѓу кои и еден пожарникар.
Како последица на невремето околу 1,2 милиони француски домаќинства останаа без струја, а надлежните служби работат на обновување на снабдувањето, соопшти во јавноста министерката за енергетика Ањес Паниер-Рунашер.
Предупредувањата против Сиаран важат и за бреговите на Северното и Балтичкото Море, каде што се очекува постепено да се движи бурата. Во Северното Море особено се очекува да бидат погодени германската Источна Фризија и островот Хелиголанд. Силниот ветер ќе биде пропратен со облачност и врнежи од дожд. Стивнување на ветрот се очекува кон крајот на неделата.