Бурата Бора предизвика хаос низ Грција, со најголеми штети на островите Родос и Лемнос, како и значителни материјални загуби на Халкидики.
На островите Родос и Лемнос, граѓаните се предупредени да не се движат поради очекуван нов бран на невреме, проследен со обилни врнежи и грмежи кои ќе траат до вторник.
Халкидики, исто така, беше погоден од силното невреме, а обилни врнежи се предвидени и за Пелопонез и островите Киклади.
Во Ситонија, синоќа ситуацијата беше драматична. Граѓаните на Торони и на Порто Куфос се обидуваа да го спасат својот имот, бидејќи поројните дождови навлегуваа во куќи и кафеани, уништуваа патишта и носеа возила.
Поради одрони и паднати дрвја, многу патишта во Ситонија станаа непроодни, додека пожарникарите и спасувачите работеа без престан целата ноќ.
Поради поплава во еден од тунелите кај месноста Темпи, железничкиот сообраќај меѓу Атина и Солун се одвива само до Лариса од каде што патниците се пренесуваат со автобуси до Солун и обратно.
Противпожарната служба на Грција од саботата претпладне до утрово во шест часот примила 3.024 повици за помош, од кои повеќе од половина, односно 1.660 биле во северниот дел на Грција, 1.200 на Родос, а останатите на островите Лимнос и Хиос и во североисточниот дел на земјата.