Македонскиот дипломатски синдикат (МДС) најостро реагира и го осудува чинот на распишување на огласи за упатување во странство на повеќе од 15 дипломати во постизборен период, односно на само десетина дена пред стапување на должност на новиот министер за надворешни работи.
Реакцијата доаѓа откако порталот МКД објави дека на 3 јуни вработените во македонското Министерство за надворешни работи на интерната страница на Министерството виделе конкурси за испраќање нови дипломати во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во дури 15 земји. Министерот Бујар Османи тоа го правел како технички министер за надворешни работи и пред напуштање на кабинетот. Надлежното лице за тоа не го потпишало конкурсот, но Османи си нашол замена и за тоа.
Така, откако на оваа одлука на министерот се спротивставил шефот на администрацијата во МНР, Филип Тосевски, кој не сакал да го потпише овој документ, конкурсите ги потпишал директорот за организациски работи, Мемет Жаку, дознава порталот МКД.
„Доколку се земе предвид дека постапката за упатување на дипломати во странство трае од еден до три месеци, со цел подготовка на избраните дипломати за предметната мисија, станува целосно нејасно која е целта на еден ваков чекор во овој транзиционен период. Синдикатот смета дека постапката е ниту политички коректна, но пред се не е коректно кон колегите кои евентуално би биле избрани на еден ваков оглас со што би се довеле во незавидна положба“, се вели во реаклцијата на МДС.
Синдикалците дипломати потсетуваат дека ваков обид за масовно упатување на дипломати беше направен и во предизборниот период, кога нивната остра реакција придонела огласот да се суспендира и со тоа се спречило флагрантно кршење на Изборниот закон.
„Со оглед на фактот дека крајната одлука за најсоодветни кадровски решенија во дипломатско конзуларните претставништва ги носи министерот за надворешни работи, МДС смета дека овој оглас е политичка манипулација на министерот во заминување, со цел да се остават отворени проблеми на новото раководство. Со оглед на горенаведеното, МДС целосно ќе се изземе од учество во процедурите за избор на овие спорни огласи“, се вели во реакцијата на Македонскиот дипломатски синдикат.