Бугарскиот историчар Стефан Дечев ги запали социјалните мрежи со својот статус во кој на бугарската министерка за надворешни работи, „празноглавата“ Теодора Генчовска ѝ порачува дека треба да го признае македонскиот јазик, бидејќи во спротивно непризнавањето на овој јазик од Бугарија е арогантно и навредливо.
Според него, Бугарија треба да го признае македонскиот јазик, не само од филолошки причини, или затоа што тој е меѓународно признат од филолозите во Амстердам, Копенхаген, Токио, Вашингтон и други центри, туку треба да го признае чисто поради добро воспитување и почит кон соседот кој својот јазик го нарекува македонски.
Еве што напиша тој на Фејсбук.
„Главата на Генчовска е толку празна (нема изговор) што и откако ќе се преврти колата, наместо еднаш да каже „Бугарија ќе направи еднострана манифестација на јазикот“, таа постојано повторува „Не го признаваме македонскиот јазик“, пишува Дечев и продолжува:
„Таа воопшто не сфаќа колку е арогантно и навредливо за говорителите на овој јазик кого тие го нарекуваат „македонски“, зашто како поинаку да го нарекуваат? И тоа остава исклучително лош впечаток во странство и создава погрешна претстава дека и Бугарија нема никакво право(да преговара) за историските прашања.
Не може поради одлуката на еден дел во БАН или едно семејство лингвисти цела Бугарија да се срами. Во Брисел, во Париз, во Берлин, во Амстердам, во Копенхаген, во Токио, во Вашингтон, во Москва, во Киев, во министерства за надворешни работи, на универзитети, катедри, јазикот е „македонски“, но Генчовска сакал да направи изјава!
И тука немаат никакво значење падежите, инфинитивите, членувањето, акцентот и сл. Секое дете израснато во добро семејство знае дека треба да каже „Добар ден!” и „Ви благодарам!“ (во Бугарија, за разлика од Македонија, се вели и „Мерси“, што дошло во јазикот по Првата светска војна).
Ако комшијата јазикот ти го нарекува „македонски“, тогаш само поради доброто воспитување, а не од филололошко знаење, треба да го нарекуваш „македонски“, вели познатиот бугарски историчар.