Остра реакција од челниците на европските институции побараа европратениците од ГЕРБ-СДС за „претепувањето“ пред фудбалскиот натпревар меѓу Левски и Шкупи од Лигата на конференциите на УЕФА.
Во отвореното писмо упатено до претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, до шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, до еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи и до претседателите на парламентарните комисии во ЕП, европратениците од партијата на експремиерот Бојко Борисов нагласуваат дека станува збор за „сериозни прекршувања на човековите права предизвикани од омраза“ и го осудуваат „агресивниот однос кон Бугарите“.
Европратениците сметаат дека ваквиот однос не е резултат на фудбалски емоции и страсти, кои не се исклучок за време на спортски натпревари, а главна причина за агресијата било „постојаното наметнување непријателски однос кон Бугарија од страна на политичарите во Македонија, од медиумите и од академските средини“.
„Со голема загриженост, го обрнуваме вашето внимание на фактот дека јазикот на омраза карактеристичен за Република Северна Македонија, кој се најде во извештаите на Европската комисија и во резолуциите на Европскиот парламент, веќе се претвори во дела родени од омраза кон Бугарија и Бугарите“, пишуваат европратениците и додаваат: „Овој негативен однос кон европска Бугарија и дискриминацијата на македонските Бугари во Република Северна Македонија се издигнати на ниво на државна идеологија, која ги повторува сите негативни и неприфатливи практики познати од историјата од времето на комунистичкиот режим во Социјалистичка Федеративна Република Југославија“.
Потписници на писмото се европратениците Андреј Ковачев, Андреј Новаков, Ева Мајдел, Асим Адемов, Емил Радев и Александар Јорданов.