More

    Бугарија ја менува процедурата за издавање бугарски пасоши?

    spot_img

    Бугарија ја менува тактиката, па Македонците коишто сакаат да извадат бугарски пасош наскоро ќе се соочат со нова процедура: најпрво ќе треба да се зачленат во едно од бугарските здруженија во Македонија, па ќе треба теренски да се активираат и јавно да „лелекаат“ колку им се загрозени правата само затоа што се чувствуваат како Бугари, и на крај, врз основа на нивната едногодишна активност, бугарски проценители ќе одлучуваат дали „актерите“ заслужиле да ја добијат „улогата“, односно дали да им биде доделен бугарски пасош.

    Ова за Плусинфо го тврди средовечен светиниколец кој со години работи како посредник и кој досега на илјадници Македонци им „помогнал“ да добијат бугарски документи заради економски цели.

    Тој објаснува дека процедурата за вадење бугарски пасоши веќе неколку месеци е целосно стопирана, но дека постои најава оти наскоро Бугарија ќе започне да ја применува новата стратегија. Како што тврди нашиот соговорник, од Македонците нема повеќе да се бара да приложуваат документи за докажување на бугарските корени, туку напротив, самите поднесители за бугарски пасош ќе мора да ја докажат „бугарштината“ во себеси.

    – Не работам веќе неколку месеци, оти не сакам да ги лажам луѓето и бадијала да им ги земам парите. Процедурата за вадење бугарски пасоши е стопирана уште пред Нова година, но имам најава дека повторно ќе се активира за неколку месеци. Јас сум во постојан контакт со многу важни луѓе од Бугарија кои се поставени на многу важни позиции кога станува збор издавањето бугарски пасоши, а тие ми велат дека наскоро ќе бидат направени измени во процедурата. Повеќе нема да има потреба од приложување документи со кои ќе се докажуваат бугарските корени, туку самите поднесители за бугарски пасош ќе треба да си го „заработат“ документот. Најавено ни е дека македонските граѓани најпрво ќе треба да се зачленат во некое бугарско здружение во Македонија, но освен тоа што ќе се зачленат, тие ќе треба да бидат постојано активни – да присуствуваат на состаноци, на дебати, па дури и на протести. Врз основа на нивната едногодишна посветеност и активност во здружението, бугарските експерти кои досега ви поставуваа прашања поврзани со бугарските празници и војводи, отсега ќе проценуваат дали сте го заслужиле пасошот – објаснува посредникот.

    Нашиот соговорник, кој со помош на оваа неформална професија го прехранува семејството, упатува искрен совет до Македонците коишто планираат сега да поднесат барање за бугарски пасош и им порачува да не го прават тоа оти со сигурност ќе бидат одбиени, а со тоа ќе им пропаднат и парите што ги вложиле.

    Но, еден наш сограѓанин веќе се пожали на социјалните мрежи дека се „изгорел“.

    – Веќе една година, моето досие стоеше како одобрено и чекаше само потпис од заменик-претседателот. Денеска ми стигна известување дека сум одбиен, без никакво образложение – објаснува апликантот, жител на источниот дел на Македонија, приложувајќи ја пораката што ја добил:

    Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, во разговор за Плусинфо објаснува дека Бугарија веќе некое време спроведува вешта, мудра и долгорочна стратегија кога се работи за „бугаризација“ на Македонците во соседните земји.

    Како што објаснува Ѓорчев, станува збор за една моќна машинерија која се служи со притисок и со уцени.

    – Во Македонија постојат неколку бугарски здруженија, а и самата Бугарија има формирано Агенција за бугарски граѓани во странство. Во таа Агенција се вметнати сите бугарски здруженија од Македонија, Косово и од Албанија, но да се разбереме, станува збор за македонски малцинства коишто Косово и Албанија ги признаваат како македонски. Но, треба да спомнеме дека заради пристапниот преговарачки процес со Европската Унија, Бугарија буквално ја уцени Албанија и ја натера да изврши притисок врз македонското малцинство во Гора, Мала Преспа и во Голо Брдо, и ги натера луѓето да се декларираат како Бугари преку издавање на бугарски пасоши. Затоа, можам да ви кажам дека Бугарија гради една континуирана и силна стратегија, оти, ако има бугарско малцинство во Косово и во Албанија, тогаш кој живее во Македонија, која, според нив, е географска пречка за проширување на Бугарија?! Ако живеат Бугари во Косово и во Албанија, тогаш што сме ние? Многу е вешта, мудра и долгорочна таа стратегија. Бугарите макотрпно работат, делат бугарски пасоши, помагаат и градат патишта преку Бугарската амбасада, донираат инвентар во училишта… И сето тоа е добро смислено и се работи за една моќна машинерија – објаснува Ѓорчев.

    Марјан Ѓорчев: Бугарите макотрпно работат, делат бугарски пасоши, помагаат и градат патишта преку Бугарската амбасада, донираат инвентар во училишта…

    Претседателот на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски, во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека видливи се напорите на Бугарија за асимилација на Македонците во Албанија, кои традиционално живеат во компактни области долж македонско-албанската граница.

    – Оваа бугарска пропаганда е засилена по 2017 година, кога Албанија беше приморана под притисок и закана за нејзиното членство во ЕУ од Бугарија, да признае бугарско малцинство, иако такво малцинство не постои во Албанија. Во законот не пишува каде живее ова малцинство во Албанија, но Бугарија повикувајќи се на овој закон, својата пропаганда ја насочи во регионите каде што традиционално живее автохтоното македонско малцинство во Албанија: Во областите Преспа, Голо Брдо и Гора, како и во селото Врбник во Деволската област – вели Стерјовски.

    Бугарскиот пратеник Тома Биков од опозициската партија ГЕРБ, пак, побара државата да ги олесни условите за добивање државјанство за македонските граѓани. Предлогот беше даден во бугарското Собрание, за време на расправата за укинување на можноста да се добие бугарски пасош преку инвестиции во државата, кога Биков го отвори прашањето на пасошите за Македонците.

    Според него, ако Бугарија смета дека во Македонија живеат Бугари, тогаш нема причина да им бара да го докажуваат тоа за да добијат пасош.

    – Во Македонија се уништени голем број од документите кои покажуваат дека луѓето таму имаат бугарско потекло. Во тоа е проблемот. Бугарската држава тврди дека во Македонија има Бугари. Многу луѓе во Бугарија сметаат дека голем дел од населението таму е бугарско. А во исто време, ние како држава бараме од тие луѓе да го докажуваат потеклото. Ако не се Бугари, тогаш што се? – изјави Биков, барајќи да се смени начинот на кој се пристапува кон издавањето пасоши во Македонија.

    Партијата ГЕРБ на Бојко Борисов, која беше на власт околу една декада во коалиција со националистички партии како партијата на Красимир Каракачанов, го забрза издавањето на пасоши во Македонија, но под услов да се потпише изјава за бугарско потекло. Се смета дека над 100.000 македонски државјани извадиле бугарски пасош, со цел да добијат пристап до пазарот на труд на ЕУ.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img