Патничкиот воз на реалација Скопје-Велес и Велес-Скопје отсега ќе доцни најмалку 40 минути затоа што машиновозачите добиле забрана да ја зголемат брзината на движење над 20 километри на час, дознава Плусинфо од извори во Македонски железници-Транспорт.
Оттаму појаснуваат дека ваквото ограничување на брзината се случило откако раководството на Македонски железници-Инфраструктура склучило договор со Железници од Бугарија и оттаму изнајмило „мерна кола“, односно машина со која се утврдува состојбата на железничката пруга во Македонија.
Резултатите од проверката, брифираат нашите соговорници, се застрашувачки.
– Мерната кола покажа дека е пругата на потегот Скопје-Велес е катастрофална. Целата е пропадната и уништена. По неа е опасно да се движат возови со брзина над 20 километри на час. Најкритично било од железничката станица Зелениково до Велес. Токму затоа, машиновозачите добија забрана да управуваат со возовите со брзина поголема од 20 километри на час. Ако сега на патничкиот воз му беше потребно околу 1 час за да пристигне од Велес до Скопје и обратно, отсега, во идеални услови, ќе му бидат потребни најмалку 1 час и 45 минути. Доцнењето ќе биде доста големо – велат извори од Македонски железници-Транспорт.