Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја нарече Украина „ничија земја“ и го повика Киев да се предаде.
– Владимир Путин нема да загуби, а времето е на страната на Русија – изјави Орбан за „Политико“, пренесува „Раша тудеј“.
Тој додаде дека Украина повеќе личи на Авганистан и се претвори во „неконтролирана руина“.
„Политико“ го насочува вниманието кон тоа како Унгарија зазеде антизападен став и не попушта пред повиците за укинување на сѐ што е руско. Во Будимпешта на улиците се поставени билборди против санкциите, а во Државната опера е поставена „Војна и мир“ од Сергеј Прокофјев.
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, ја коментираше изјавата на американскиот амбасадор Дејвид Пресман, кој го критикуваше ставот на Будимпешта за антируските санкции, порачувајќи му да не се меша во внатрешните работи на земјата.
Сијарто истакна дека мислењето на претставникот на Соединетите Американски Држави е „целосно неважно“, бидејќи Пресман „нема никаква врска“ со внатрешно-политичките процеси во Унгарија, а мешањето во нив „не е негова работа“.
– Кога примаме амбасадори, тоа го сфаќаме буквално: примаме амбасадори. Сметаме дека тоа се луѓе кои беа испратени овде за да ги подобрат и развиваат односите меѓу двете земји, врз основа на меѓусебно почитување – потенцира министерот.
Според него, „ерата на гувернери и регенти“ испратени да им кажат на државите како да живеат е завршена.
– Никој однадвор не може да ни каже како да живееме и затоа е неважно што мисли граѓанин на друга земја, вклучително и амбасадор, за внатрешно-политичките процеси во Унгарија – оцени Сијарто.
Тој додаде дека активностите на унгарската Влада се водат исклучиво од националните интереси.