Русите рано утринава извршија голем ракетен напад врз Украина. Нападнати се Киев и Харков, двата најголеми украински града. Во Киев се ранети околу 20 лица, а во Харков четири лица загинаа, а околу 40 се ранети.
Рано утринава руските сили со проектили го нападнаа Харков, вториот по големина град во Украина. Како што соопшти регионалниот гувернер Олех Синехубов, во нападот загинале најмалку четири лица, а најмалку 40 се ранети. Меѓу убиените има две жени на возраст од 40 и 56 години, додека меѓу ранетите има две деца на возраст од 10 и 12 години.
Синехубов рече дека во нападот на Харков руските сили користеле хиперсонични ракети од типот Кх-22, кои имаат огромна боева глава со стотина килограми експлозив.
Гувернерот објави дека руските сили ги гаѓале областите Киевски и Салтивски во градот каде што биле пријавени смртни случаи. Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, на националната телевизија изјави дека нападот оставил делови од градот без вода, струја и греење.
Низ социјалните мрежи веднаш се проширија снимки од денешниот брутален руски напад на Харков. Украинката Марија Друцка објави видео на кое, како што вели, се гледа „двојка во Харков како гледа во својот уништен дом кој штотуку бил „ослободен од руските напаѓачи“.
Полска подигна борбени авиони
Оперативната команда на вооружените сили на Полска соопшти дека борбените авиони се подигнати поради активностите на руската авијација.
„Сакаме да ве информираме дека ја забележавме интензивната далечна активност на авионите на Руската Федерација, која е поврзана со намерата за изведување воздушни напади на територијата на Украина. Сите процедури се започнати за да се обезбеди безбедност на полскиот воздушен простор и внимателно ја следиме ситуацијата. Предупредуваме дека се активирани полски и сојузнички авиони, што може да предизвика зголемена бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на полската армија на X, поранешен Твитер.