Бројот на загинати во големиот земјотрес во западна Кина се искачи на 93, додека потрагата по преживеани продолжува, јавува денеска Асошиејтед прес.
Минатата недела земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди провинцијата Сечуан, а најголем дел од штетата е регистрирана во тибетската автономна област Ганза.
Уште 25 лица се водат како исчезнати од неделата вечерта, соопштија спасувачите, а потрагата по преживеани и извлекувањето на телата беа комплицирани поради обилните дождови и ризикот од лизгање на земјиштето, што принуди некои жители да се преселат во привремени засолништа.
Земјотресот го погоди и Ченгду, главниот град на провинцијата, каде што жителите беа под строга блокада поради коронавирусот, што значи дека не им беше дозволено да ги напуштат своите згради.
На видеата објавени на интернет се гледа како жителите удираат по металните порти пред станбените комплекси додека се обидуваат да ги напуштат своите згради.