Бројот на работниците во индустријата во ноември 2024 година, во однос на ноември 2023 година е намален за 4%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Во истиот период бројот на работниците во секторот рударство и вадење на камен бележи раст од 4,9%, додека во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација е забележан раст на бројот на работници од 1,1%.
Бројот на работници, пак, во секторот преработувачка индустрија е намален за 4,7 %. Најголем пад на бројот на работници има во тутунската индустрија од 16,4%, како и во текстилната и кожарската индустрија, каде што бројот на работници во компаниите за производство на облека е намален за 15,2%, во фирмите за производство на текстил за 8,5%, а во кожарската индустрија бројот на вработени е намален за 11,7%.
Намален е и бројот на вработени во прехранбената и дрвната индустрија, како и во индустријата за производството на хартија, металната, машинската и во автомобилската индустрија.
Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во ноември 2024 година, во однос на ноември 2023 година, бележи пораст кај енергија за 4,5 % и трајни производи за широка потрошувачка за 24,6 %, додека опаѓање бележи кај капитални производи за 1,7%, интермедијарни производи, освен енергија за 6,4 % и нетрајни производи за широка потрошувачка за 8,2 %.
Бројот на работниците во индустријата во периодот јануари – ноември 2024 година, во однос на периодот јануари – ноември 2023 година, пораснал за 0,1%.