Британскиот пејач Ед Ширан ги изненади обожавателите кога почна да кружи приказната дека сам си ископал гроб во својот двор, а славниот пејач ја потврди гласината во неодамнешното интервју за „ЏејКју“.
Ширан откри дека тоа е всушност само едно гробно место, направено само за него: „Тоа е дупка ископана во земјата, а над неа се наоѓа камен, така што кога и да дојде тој ден, јас ќе одам таму“.
Со овој морбиден потег тој ги шокираше обожавателите кои се прашуваат зошто воопшто 32-годишниот пејач се подготвува за сопствената смрт на прво место, но тој објасни зошто го направи тоа: „Луѓето мислат дека е многу чудно и навистина морбидно, но јас имав пријатели кои умреле без тестаменти, па никој не знаеше што да направи“.
Инаку, Ширан во приватниот живот се соочи со бројни трагични загуби, а многумина мислат дека тоа е причината за неговата одлука да си ископа сопствен гроб. Имено, на 31-годишна возраст почина неговиот најдобар пријател Џамал Едвардс, го загуби и својот сакан ментор Мајкл Гудински, а потоа и колегата Шејн Вејн.
Можеби најтешкиот удар што го доби беше кога неговата сопруга Чери Сиборн се бореше со тумор додека беше бремена со една од нивните две ќерки, па не смееше да се лекува сè до породувањето. Токму во тој период ненадејно почина неговиот најдобар пријател Џамал.
„Поминував низ страв, депресија и анксиозност. Се чувствував како да се давам, со главата под површината, гледајќи нагоре, но не можев да дојдам до воздух“, го раскажа своето искуство.
Во чест на саканите кои починале, Ширан изградил капела каде што одржуваат и венчавки на пријателите.
ФОТО: Инстаграм