Британскиот крал Чарл Трети денеска го прославува својот 74-ти роденден, првпат како монарх. Се очекува кралот да го одбележи роденденот во кругот на семејството, без јавни ангажмани. Засега не е познато, дали во согласност со традицијата, кралот Чарлс Трети и официјално ќе го прослави роденденот в лето.
Од 1700 година, монарсите кои не се родени во текот на летото прославуваат уште еден роденден, кој е обележан со традиционалната парада наречена Trooping the Colour.
Официјалната прослава на роденденот на кралицата Елизабета Втора секогаш се организираше во втората сабота во јуни, но засега не е потврдено дали новиот крал ќе слави на ист начин.
Иако кралот Чарлс нема официјални ангажмани за овој ден, неговиот прв роденден како монарх денеска ќе го одбележи Оркестарот на британската коњаница, кој ќе ја изведе роденденската песна „Happy Birthday” за време на смената на гардата на Бакингемската палата.
Како што јави Би-Би-Си, топовски поздрави ќе се слушаат низ Лондон во чест на неговиот роденден, а трупите на кралот ќе почнат со испукување 41 рафал напладне во лондонскиот Грин Парк, додека Оркестарот на шкотската гарда, исто така ќе ја изведе „Happy Birthday”.
Војската на кралот е церемонијална коњаничка единица на британската армија, која салутира на свеченостите на кралското семејство и важни настани како државни посети. Тие се грижат и за црните коњи кои учествуваат на државни и воени погреби.
Еден час подоцна, во 13 часот по лондонско време, Почесниот артилериски корпус ќе испука 62 истрели кај Лондонската кула.
Роденденските планови на кралот Чарлс не се познати, но претходните години тој уживаше во незаборавни прослави, потсетува Би-Би-Си.