Брегзит ја чини Велика Британија 100 милијарди фунти годишно (околу 124 милијарди долари) поради изгубеното производство, проценуваат експертите и додаваат дека британскиот БДП би бил четири отсто поголем доколку Велика Британија останеше во ЕУ.
Ефектите од Брегзит опфаќаат сè, од деловни инвестиции до способност на компаниите да ангажираат работници, објави Блумберг по повод утрешната трета годишнина од излезот на Велика Британија од ЕУ.
Како што се наведува, деловните инвестиции се послаби, а недостигот на работна сила е сè поакутен проблем.
Економистите Ана Андраде и Ден Хансон веруваат дека економијата е четири отсто помала отколку што би можела да биде, при што деловните инвестиции значително заостануваат, а недостигот од работници во ЕУ се зголемува.
– Дали Велика Британија изврши чин на економско самоповредување кога гласаше за напуштање на ЕУ во 2016 година? Досегашните докази продолжуваат да сугерираат дека е така – изјавија Андраде и Хансон.
Тие исто така додаваат дека главниот заклучок е дека прекинот со единствениот пазар можеби се одразил на британската економија побрзо од очекуваното.
Податоците ги демантираат тврдењата на британскиот премиер Риши Сунак дека Брегзит е „огромна можност” за Велика Британија што почнува да се остварува, бидејќи прекинот на врските со ЕУ и овозможува на Британија да создаде слободни пристаништа за да ја поттикне трговијата и да ги реформира правилата за финансиски услуги во корист на банките во лондонски Сити.