Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца вели дека Европската Унија го третира Косово како не-држава и оцени дека пристапот на ЕУ кон Косово е дискриминирачки.
Според Коњуфца, Косово мора да го брани своето право до крај, да седне на маса со ЕУ „и до крај да разјасни кој има надлежност“ во врска со формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство.
По денешниот состанок на собраниското Претседателство, Коњуфца изјави дека Косово можеби доцни со изработката на нацрт-статутот на Заедницата, но, според него, немало временски рок за да се направи такво нешто.
„На Косово му се гарантира правото да презентира нацрт-статут на Заедница. ЕУ може да не критикува и да каже ‘доцните’, но ние можеме да прашаме дали имало рок? Дискриминаторски е пристапот на ЕУ и со тоа го третира Косово како не-држава. Косово мора да го брани своето право до крај и да седне со ЕУ и конечно да разјасни кој ја има оваа надлежност, Косово или ЕУ. Мислам дека е на Косово. Доцниме или не, ние и онака сме под мерки на ЕУ. Доволно е што доцниме, но доцнењето не може да ни ги одземе надлежностите“, рече Коњуфца.
Тој додаде дека Косово е условено од Европската Унија.
„Мислам дека секој што мисли дека нацртот што е доставен (од Брисел) е конечен документ што за Косово е ‘земи или остави’, испаѓа дека на Косово му е одземена една многу државна ингеренција, која исто така е гарантирана со процесот на дијалог, па и со уставот“, рече собранискиот спикер.
Тој изрази уверување дека нема да има дополнителни мерки од страна на ЕУ.
„Не мислам дека ќе има дополнителни мерки. Но, прашањето е како да ги отстраниме постоечките што ги имаме. Веќе се зголемија гласовите во ЕУ дека мерките треба да се укинат. Мерките ги имаме веќе некое време, но резултатите кои ги гледате… Ние сме во ситуација во која Србија го отфрла Охридскиот договор. За Србија Охридскиот договор го има само името ‘Заедница на општини’ и другите точки нема да ги применува. Со писмото на Ана Брнабиќ до членките на ЕУ за нападот во Бањска тие ја најавија смртта на Охридскиот договор. И сега која е вината на Косово тука ?“, рече Коњуфца.