Ако нешто е извесно во моментов, тогаш тоа е дека сѐ е неизвесно, вели Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Северна Македонија, во интервју за агенцијата „Марили“.
Азески во интервјуто говори за тешката борба за опстанок на бизнисот во услови на повеќе последователни кризи, за потребата од итни нови владини мерки за поддршка за да се одржи конкурентноста и виталноста на компаниите, за тоа со што ќе се соочи стопанството во блиска и малку подалечна иднина.
– По постепеното олабавување на последиците од пандемијата на Ковид-19, започна процес на заздравување на македонската економија, но заздравувањето забави заради енергетската криза во која западнавме. Согласно економските проекции што се објавуваат, во блиска иднина ќе се соочиме со намалена активност на економијата на ЕУ, а во тој контекст и на Германија, како последица на она што го носи енергетската криза и трендот на пораст на каматните стапки насочен против високата инфлација. Сето ова неповолно ќе се одрази на побарувачката за македонски стоки и услуги на странските пазари и тоа ќе треба да се премости со што помалку негативни последици – предупредува Азески.
Претседателот на Комората смета на долг рок ќе бидеме сведоци на голем интерес за инвестиции во енергетскиот сектор на земјава, во добар дел насочен кон обновливи извори и тоа кон сончевата енергија.
– Голем е бројот на компании што размислуваат и се подготвуваат за вакви инвестиции, бидејќи тие се најисплатливите можни инвестиции во дадениот момент. Реализацијата на вакви инвестиции значително ќе ја намали цената на електричната енергија за производствените процеси на нашите компании и ќе ја подобри нивната конкурентност на подолг рок – вели Азески.
Многу е важно во континуитет да постојат механизми со кои се поттикнуваат инвестициите на приватниот сектор. Работните места креирани преку нови инвестиции имаат најголеми шанси да опстанат на долг рок. Притоа, важно е државата навреме и во целост да ги реализира плаќањата по овој основ кон приватниот сектор, објаснува тој.
– Исто така, многу е важно бизнис секторот да има амбиент за работа што е предвидлив. На пример, Стопанската комора иницираше, а Министерството за финансии прифати, иако со одредени модификации, да се воведе нешто што се нарекува даночен календар, со кој се утврдуваат роковите во кои може да се воведуваат измени во даночната сфера. Ние бараме било какви измени што значат зголемени давачки за приватниот сектор по основ на даноци или други давачки да се објават во Службен весник најдоцна до 30 јуни во тековната година, за да можат да се применат од почетокот на следната календарска година. На тој начин и фирмите ќе можат да ги вградат во своите финансиски планови за наредната година импликациите од предвидените даночни измени. Сето ова очекуваме секогаш да биде испочитувано од страна на Министерството за финансии. Исто така, невидената криза со цените на енергенсите јасно укажува дека сега не е моментот за воведување дополнителен фискален товар за компаниите – категоричен е Азески.
Тој укажува и на проблемот со недостиг на квалификуван кадар, што се обидува да се надмине преку системот на дуално образование.
– Овој модел на образование не значи само учење стручни вештини што му се потребни на пазарот на труд, туку овозможува компаниите сами да го обликуваат кадарот по своја мерка, што ќе биде обучен и квалификуван веднаш да се вклучи во работниот процесот. Нашите податоци покажуваат дека сме успешни во тоа. Почнавме со 16, а сега имаме речиси 500 компании кои се вклучени во дуалното образование. Обучивме околу 500 ментори од компаниите за реализација на практичната обука, а околу 50 компании се верификувани за практична обука на ученици – вели Азески.
Анализите на Комората покажаа дека дури 63% од компаниите бараат работници со стручни вештини што ги нема на пазарот на трудот. Затоа се потребни реформски зафати за подобрување на квалитетот, особено во стручното образование, бидејќи 53% од новите работни места се поврзани со стручното образование, а само 10% се поврзани со високото образование.