Кошаркарите на Бостон селтикс го победија Далас маверикс со 106:88 во петтиот натпревар од НБА финалето и ја освоија шампионската титула со вкупни 4:1. За Бостон тоа е рекордна 18. титула, прва по 2008 година. Досега Селтикс беа изедначени по бројот на титули со Лејкерс (Лос Анџелес и Минеаполис).
Џејсон Тејтум ги предводеше Селтикс на овој натпревар со 31 поен, 11 асистенции и осум скока. Џру Холидеј го заврши мечот со дабл-дабл ефект, 15 поени и 11 скока.
– Ова ми значи најмногу на светот. Мина долго време. И многу сум благодарен – рече Тејтум по примањето на трофејот од комесарот на НБА, Адам Силвер.
Џејлен Браун кој даде 21 поен, осум скока и шест асистенции, беше избран за МВП на финалната серија.
– Го споделувам ова со моите браќа и мојот „партнер во криминалот“ Џејсон Тејтум – рече Браун по 107. плеј-оф натпревар во кариерата што тој и Тејтум ги одиграа заедно, најмногу за кое било дуо пред да освојат титула.
Кај Далас повторно најмногу покажа Лука Дончиќ. Словенечката НБА суперѕвезда постигна 28 поени, имаше 12 скока и пет асистенции. Кајри Ирвинг, кој играше за Бостон од 2017 до 2019 година, остана на 15 поени, со лош шут од поле, 5/16 и девет асистенции.
Дончиќ рече дека повредите на градниот кош, десното колено и левиот скочен зглоб со кои играл за време на финалната серија не се изговор за тоа што Далас не успеа.
– Не е важно дали бев повреден и колку бев повреден. Бев присутен. Се обидов да играм, но тоа не беше доволно – изјави Дончиќ.
Бостон постојано беше во водство, и речиси постојано имаше предност од 10 и повеќе поени. Во вториот дел во ниту еден момент предноста на Селтикс не беше помала од 15 поени, а а во три наврати имаа најголеми, +26 коша.
Бостон го отвори финалето со 3:0 и ги доведе Дончиќ и Далас во невозможна позиција за пресврт. Во плеј-оф серијата до четири победи, Далас се обиде да испише историја и да стане првиот тим кој 0:3 ги претворил во вкупна победа. Односот на тие обиди сега е 0:157!
Селтикс ја завршија регуларната сезона во НБА со најдобар ефект, 64 победи и 18 порази. Во плеј-офот тие ги победија Мајами хит (4:1), Кливленд кавалирс (4:1), Индијана пејсерс (4:0) и Далас маверикс (4:1).