„Имав разговори со пратениците на ГЕРБ и ги прашав, дали ми веруваат да го поддржам предлогот, ако се осмели овој кукавица и лажго Петков, ќе има поддршка од 59 пратеници и зелено светло на РСМ и Албанија“.
Вака изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, за францускиот предлог за кој треба да се расправа во бугарското собрание, јавува БГНЕС. Според него француското претседателство „ја направи најдобрата рамка и не може да биде подобра“.
– Веднаш да се свика Министерскиот совет, да се даде предлог, да се дојде во Народното собрание – додаде Борисов.
– Верувам во Макрон, верувам во ЕУ. Сѐ што е добро во Бугарија доаѓа од ЕУ. ЕУ и НАТО во моментов бараат проширување со Западен Балкан. ГЕРБ го започна овој процес. Петков ќе оди во Советот на ЕУ и ќе каже дека некој му пречи. Петков ќе се крие и ќе се плаши додека ГЕРБ не ја заврши работата. Ние знаеме како да се грижиме за нашата работа. Француското претседателство ја направи најдобрата рамка и не може да биде подобра – рече лидерот на ГЕРБ.
Борисов истакна дека актуелната влада не направила ништо во врска со Протоколот, кој е составен дел на францускиот предлог. Тој појасни дека овој Протокол сѐ уште не е потпишан.
– Петков си дозволува да лаже во Брисел дека ГЕРБ му пречи, дека министерот на Слави Трифонов му пречи и дека тие што не се со него се мафија. Не плашете се, дојдете во парламентот – му се обрати Борисов на Петков.
– Ова е најдоброто решение за Бугарија, Балканот и ЕУ – додаде поранешниот бугарски премиер.
– Гласањето недоверба е парламентарна практика. Нинова 7 пати побарала недоверба, па не сме ја нарекле мафија. Ако имаме премиер да свика собраниска седница, ќе влеземе ние 59 пратеници на ГЕРБ. Да се реши прашањето со Македонија пред гласање, да не се срами Бугарија како мрачен субјект – нагласи Борисов.