Текстот на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина наскоро ќе биде објавен на веб-страницата на ЕУ, изјави шефот на европската дипломатија по вечерашната средба со Александар Вучиќ, со Албин Курти и со Мирослав Лајчак во Брисел.
Тој изјави дека во креирањето на документот учествувале највисоките претставници на сите 27 земји-членки на Европската унија, како и членови на Европскиот совет.
– Специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, во тој период отпатува десет пати во Приштина и осум пати во Белград и ова е првпат лидерите на Србија и на Косово да разговараат за предлогот во живо – изјави Борел.
Тој објасни и дека Вучиќ и Курти се согласиле дека не се потребни дополнителни разговори за европскиот предлог и дека тоа е рамка за нормализација на односите.
Борел оцени дека и Вучиќ и Курти покажале одговорност и дека се согласиле да го спроведат планот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
– Овој предлог е во корист на граѓаните на Косово и Србија. Ќе им помогне на луѓето да можат нормално да се движат користејќи пасоши, лични карти и регистарски таблички. За да можат да студираат и да работат без разлика дали нивните дипломи се проблем – изјави Борел по средбата.