Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, му предложи на Унијата да го прекине политичкиот дијалог со Израел, наведувајќи ги можните прекршувања на човековите права во војната во Газа, според четворица дипломати и писмо што го видел Ројтерс.
Во писмото испратено до министрите за надворешни работи на ЕУ во средата, пред нивниот состанок во понеделник, Борел изрази „сериозна загриженост за можни прекршувања на меѓународното хуманитарно право во Газа“ и рече дека „Израел досега не одговорил доволно на овие грижи“.
Политичкиот дијалог е содржан во поширокиот договор за односите меѓу ЕУ и Израел, вклучително и екстензивните трговски врски, кој стапи на сила во јуни 2000 година.
„Во светло на горенаведените размислувања, ќе предложам ЕУ да се повика на клаузулата за човекови права за да го прекине политичкиот дијалог со Израел“, напиша Борел.
За суспензија ќе биде потребно одобрение од сите 27 земји на ЕУ, што според дипломатите е малку веројатно. Неколку земји се спротивставија кога висок функционер на ЕУ ги информираше амбасадорите во Брисел за предлогот во средата, изјавија тројца дипломати кои сакаа да останат анонимни.
Предлогот на Борел има за цел да испрати силен сигнал за загриженост за однесувањето на Израел во војната, рече еден дипломат.
За тоа ќе се разговара на состанокот на министрите за надворешни работи, последен со кој ќе претседава пред истекот на неговиот петгодишен мандат.
Канцеларијата за човекови права на ОН минатата недела соопшти дека речиси 70 отсто од смртните случаи што ги потврдила во војната биле жени и деца и го осуди, како што го нарече, систематско кршење на основните принципи на меѓународното хуманитарно право.
Некои земји од ЕУ, како Чешка и Унгарија, силно го поддржуваат Израел, додека други, како Шпанија и Ирска, ја нагласуваат својата поддршка за Палестинците.
Еден од дипломатите рече дека постои „изненадување“ кај амбасадорите поради „недостаток на процес и подготовка“ околу предлогот.