Високи дипломати на НАТО сугерираат дека руските сили би можеле да извршат воздушен напад поради натрупаноста на воени авиони, бомбардери и хеликоптери во близина на границата. Американските разузнавачи сугерираат дека повеќе од 80 отсто од руските воздухопловни сили се „безбедни и достапни“.
– Значи, се очекува руските сили да извршат воздушни напади – изјави висок дипломат на НАТО за Фајненшл тајмс.
Москва постави нови воени кампови во Вороњеж и Курск, во близина на североисточната граница на Украина, на истото место каде што беа стационирани војници една година пред почетокот на инвазијата.
– Веруваме дека во овие кампови се сместени резервисти и ова е прв доказ дека распоредувањето се случило недалеку од линијата на фронтот. Ова укажува на тоа дека тие наскоро би можеле да бидат префрлени во Украина – изјави за ФТ одбранбениот аналитичар Конрад Музика.
Министрите за одбрана на НАТО во Брисел разговараа за снабдување на Украина со повеќе артилериска муниција и противвоздушна одбрана. Украина бара борбени авиони, но Вашингтон одбива да ги испрати. По состанокот на Контакт групата на членките на НАТО за помош на Украина, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин рече дека нема ништо за известување во врска со испораката на борбени авиони, додавајќи дека САД „никогаш не ја спречиле Полска да испрати што сака“ во Украина.
– Што се однесува до тоа дали Русија склопува авиони за голем воздушен напад, ние не го гледаме тоа така во моментов – рече Остин.
фото: Rawpixel.com/Илустрација