Над 14.000 свињи се депопулирани поради „африканската чума“ од 2022 година досега, покажуваат податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство. Првиот случај беше потврден во јануари 2022 година во делчевското село Драмче. Најпогодени реони се кумановскиот и штипскиот како погранични места.
„Досега, вкупниот број на угинати свињи пред депопулација, заклучно со 2023 година изнесува 439, додека вкупниот број на угинати и депопулирани и нештетно закопани животни заклучно со декември 2023 година изнесува 14.381 свиња“, велат од АХВ.
Болеста ги загрижи одгледувачите и генерално јавноста која стравуваше од недостиг на свинско месо и зголемување на цената. Последниот случај беше во кумановско Тромеѓа во декември лани. Таму и во населбата Карпош е заштитна зона во радиус од три километри. Нештетното отстранување на угинатите свињи се спроведуваше на неколку локации во кумановско во поширокиот регион. Жителите на неколку села од кумановско и општина Старо Нагоричане реагираа зошто токму во нивниот реон се закопуваат свињите. Жестоко реагираа жителите на Речица кои стравуваа дека болеста ќе се рашири кај нивните одгледувалишта. Тие на Бадник се судрија и со полицијата која приведе неколкумина. Подоцна реагираа и жителите на Шупли Камен. И таму имаше помал инцидент. Месното население бараше двојна дезинфекција, што е и дел од протоколите на Агенцијата за храна и ветеринарство, а обично ја спроведува избрано ветеринарно друштво. Локациите за закопување ги предлага општината, а АХВ ги потврдува.
АХВ: Заштитни мерки во зоните
Согласно важечките прописи во државава во зоната од три километри се преземаат повеќе мерки, одземање, убивање и нештетно отстранување на свињите кои се наоѓаат во одгледувалиштата каде е потврдена болеста, како и во контактните одгледувалишта каде не може да се исклучи присуството на болеста. Објектите и просториите се дезинфицираат и чистат, се спроведува епидемиолошко испитување, попис, прегледи, регистрација на животните, се преземаат биосигурносни мерки, евидентирање на сите нерегистрирани одгледувалишта и нивна категоризација во однос на степенот на спроведување на биосигурносните мерки, депопулација на сите нерегистрирани одгледувалишта категоризирани со висок ризик со колење за економско искористување на месото од закланите свињи.
„Во некомерцијалните одгледувалишта колењето може да се изврши во домашни услови за сопствени потреби, единствено во присуство и под надзор на доктор по ветеринарна медицина од надлежно ветеринарно друштво со земање на мостри за лабораториско испитување. Во комерцијалните одгледувалишта со висок ризик колењето се врши во кланица со земање на мостри, месото задолжително подлежи на еден од третманите за намалување на ризикот за ширење на болеста. По исклучок, депопулација на животните кои не можат да бидат заклани поради нивната благосостојба или неможност месото економски да се искористи се врши со евтаназија и нештетно отстранување на труповите“, велат од АХВ.
Зоната под надзор е во радиус од десет километри околу потврденото жариште. И таму се слични правилата. Се забранува и одржување на добиточни пазари и саеми.
Во земјава засега не е детектирано присуство на африканска чума, ниту кај дивата, ниту кај питомата популација свињи, соопшти денеска Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) откако Грција в
Свињите кои ќе бидат затекнати во промет без здравствен сертификат и без идентификација ќе бидат одземени и нештетно уништени на товар на сопственикот. На целата територија на државава ќе се спроведува и мерката на депопулација на сите нерегистрирани одгледувалишта со висок ризик во однос на спроведувањето на биосигурносните мерки.
„Одгледувачите на свињи треба да бидат исклучително одговори како сточари. Задолжително да ја следат здравствената состојба на свињите и за секоја промена или смртност да го информираат надлежното ветеринарно друштво или официјален ветеринар кои ќе преземат соодветни мерки. Сточарите да не го попречуваат спроведувањето на наредените мерки во зоните со цел спречување на ширење и ерадикација на болеста. На фармите да ги спроведуваат и одржуваат биосигурносните мерки на високо ниво, особено при влез и излез на фармите, да забранат секаков пристап до одгледувалиштето на невработени лица. Свињите да не ги хранат со помии. Одгледувалиштата по можност треба да бидат заградени со двојна ограда, со растојание помеѓу оградите од најмалку еден метар“, повикаа од АХВ.
Африканска чума не е заразна за луѓето
Болеста африканска чума не е пренослива на луѓето и кај другите животни, таа се пренесува од диви на домашни свињи и се шири само кај овие животни, велат ветеринарите од Куманово. Станува збор за инфективно заболување.
Многу е важно да се едуцираат фармерите, невреме да се преземат мерки и да се контролира болеста да не се шири и да не предизвика економска штета, ниту за одгледувачите, ниту за државата, велат ветеринарите, додавајќи дека е потребна соработка кај сите за контрола на болеста.
– Болеста е многу пренослива и Европа има проблем со справување со оваа болест – објаснува ветеринарот Зоран Пешевски.
Првпат на европска територија, како што посочува Пешевски, е појавена во Грузија во 2007 година, по што се проширува во Украина и Русија и во 2013 доаѓа на подрачјето на ЕУ, Латвија, Литванија Полска и премина и во други земји и во нашето соседство.
– И овие побогати земји од нас сè уште ја немаат искоренето болеста. Важно е да се контролира болеста – вели Пешевски.
Симптомите се висока температура, дијареја. Промените се нагли и само искусните сточари можат да ги забележат и да ги алармираат матичните ветеринари. Покрај дивите свињи, преносители може да бидат и и луѓето преку облека и обувки.
– Во однос на закопувањето, потребни се подлабоки јами, потребна е дезинфекција. Може да се најде и некоја аномалија во однос на отстранувањето. Сточарите не треба да и одмагаат на Агенцијата. Државата плаќа штета за угинатите, важно е да се донесат соодветни мерки и да се почитуваат – вели Пешевски.
Едукацијата на сточарите е најважна, категоричен е Пешевски.
Одгледувачите треба да не вршат незаконско колење и транспорт и ако се почитуваат нормите, полесно ќе биде справувањето со болеста.
Универзитетскиот професор од Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Димитри Наков укажува дека сите мора да се свесни дека болеста ќе се повторува.
– Тоа е заради самата природа на болеста, начинот на ширење, пренесување, меѓутоа и фактот што вирусот којшто ја предизвикува африканската свинска чума е многу отпорен во надворешна средина. Тука мора да се спомене и популацијата на диви свињи коишто се главен резервоар и преносител на вирусот. Токму поради тоа ни се случува ова брановидно повторување на болеста во истите региони – вели Наков.
Тој забележува дека одгледувачите на свињи и да ги почитуваат сите мерки, нема можност стопроцентно да ги заштитат животните од заразната болест. Негова оценка е дека големите фарми ги почитуваат сите биосигурносни мерки, зашто тоа е еден заокружен процес на производство. Но, апелира на поголема свест кај малите традиционални фарми, кои претходно не биле запознати со мерките, а веќе самите прашуваат и ги спроведуваат.
– Со подигнување на нивото на биосигурносните мерки, тоа значи дека треба да се ограничи влегувањето на други луѓе во фармата, да се направат бариери, да се спречи слободно движење на животни. Сите тие елементи ако се запазат, може да се намали пренесувањето на вирусот – додава Наков.
Свињарското производство во државава е важна гранка и поради тоа, додава Наков, општеството мора да се навикне да ја одржува гранката додека егзистира африканската свинска чума.
Помалиот број фарми може да предизвика недостиг на свинско месо
Од Стопанската комора на Северна Македонија велат дека фармерите и преработувачите на месо се соочиле многу порано со проблеми предизвикани од класичната свинска чума, а сега и со африканската свинска чума и веќе подолго функционираат во такви услови. Оттаму велат дека влијанијата се сложени.
– Болеста се шири во Европа и светот (Кина прва ги почувствува последиците), а традиционалните пазари од каде се набавуваше суровината за преработка значително го намалија своето производство по значително повисоки цени – велат од Комората.
Со домашното производство се покриваат 90 проценти од потребите на свежо месо, а остатокот се задоволува со увоз, од земјите од соседството.
– На терен состојбата е нестабилна, количините се десеткувани и во секој случај оваа состојба ќе потрае во наредните шест/седум месеци, а за конечно решавање и до три години, колку што е потребно еден капацитет да се подигне од почеток на нова безбедна локација и да се сврти циклусот на една фарма, така што недостатокот на свежо конзумно месо од домашно потекло ќе мора да се замени со увоз – велат од Комората.
Тие појаснуваат дека квалитетот на домашното свинско месо и месни преработки во последните дваесетина години е на највисоко ниво. Сепак, велат дека цената, снабденоста и изборот многу ќе зависат од чекорите што ќе ги преземаат надлежните институции.
– АХВ и досега е на ниво на задачата и во поглед на справување со болеста, но и безбедноста на домашното производство и преработки. Редовно и вонредно се прават контроли и тоа на секој влез во државата особено на суровината за преработка – велат од Комората.
Потпретседателот на Асоцијација на земјоделци, Гоце Сарафимов вели дека болеста се пренесува од дивите свињи, првин во погранично место на истокот од соседна Бугарија. Лани во најголемата фарма во карбинското село Таринци поради појавата на африканската свинска чума беа уништени вкупно 9.000 свињи. Сарафимов посочува дека токму поради оваа болест има недостаток на свежо свинско месо во државата, бидејќи нема веќе свињи.
– Најмногу удри на потегот од Штип до бугарската граница, Берово, Делчево, па и кај нас Штип и Карбинци. Овде се наоѓа и најголемата фарма, која задоволуваше 20 проценти од потребите на свинско месо во цела држава и затоа сега имаме недостиг на свежо свинско месо. Сега ги чистиме фармите за да ги обновиме, ама тоа оди бавно и тешко – вели Сарафимов.
Тој додава дека државата не извезува свинско месо, бидејќи одгледувачите на свињи едвај задоволуваат потребите на македонскиот пазар. Според него и забраната за увоз на свинско месо во Албанија земјава и производители на месо не претставува удар, бидејќи во Албанија и ретко имало извоз на месо. Сарафимов истакна дека поради оваа болест недостаток на свинско има и во соседните држави, па затоа цената на жива мера е малку повисока.
– Кај нас има недостиг на месо, имаме недостиг на свежо свинско месо, но недостиг има секаде и во Србија и во Бугарија и затоа цените се малку повисоки – вели Сарафимов.
Проблемот со свинската чума мора да се надмине, согласни се сточарите. Велат потребна е помош од државата, нова вакцина или нов метод и мора да постојат мерки и решенија за да не се доведеме во ситуација да нема свинско месо во земјава.
До пред две години, кога се појави и африканската свинска чума, македонските одгледувачи официјално годишно одгледуваа вкупно 250.000 свињи. Во земјава од свињарството директно или индиректно во тој период егзистираа околу 10.000 семејства, дури 60 отсто од свињите се одгледуваа во индивидуални стопанства. Стануваше збор за бизнис од 100 милиони евра, пари кои остануваа во македонската економија.
Последните податоци кои можат да се најдат на веб страницата на Државниот завод за статистика говорат дека токму во годината, кога се појави африканската свинска чума поточно во 2022 година има пад на производството на свинското месо.
– Бројот на свињи во 2022 година, во споредба со 2021 година, е намален за 1,9 проценти и во индивидуалните земјоделски стопанства и кај деловните субјекти (земјоделските претпријатија и земјоделските задруги) – велат податоците на Државниот завод за статистика.