Компанијата Бехтел, согласно законот има обврска да ангажира најмалку 51 отсто домашни ресурси, што значи овде спаѓаат човечки ресурси, но и механизација, подизведувачи кои што ќе работат овде на терен, вели министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во интервјуто за МИА.
Изградбата на Коридорите 8 и 10 д, ќе значат нови 8.000 вработувања, нови инвестиции и номинален раст на БДП од 2 отсто годишно во наредните пет години, вели тој.
Министерот Бочварски во интервјуто посочува дека пенали кон Изведувачот нема да има, исплатата е утврдена согласно програмата за финансирање на патната инфраструктура за проектот за Коридор 8 и 10 д.
„Во законот и во договорот и во програмата за исплата точно е утврдено кои се ставките кои што ќе бидат исплатени. Но важно е компаниите да влезат на терен да ги реализираат своите обврски кои што ги имаат спрема државата. Доколку државата не ги смени законите, еве не се донесат законите во Парламентот ние под постојната законска регулатива продолжуваме со работа. И тоа е од исклучително значење да го знаат граѓаните. Не е точно дека државата е обврзан да менува закони. Државата, односно Владата, Парламентот и сите институции можат да продолжат со работа согласно постојната законска регулатива. Доколку се променат законите, доколку овозможиме повеќе работа на терен и се овозможи реализација на проектот согласно Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење, за да се овозможи фазно градење тогаш можеме да секако се увериме дека и побрзо ќе оди и реализацијата на проектот”, истакнува министерот.
Секоја домашна компанија што смета и може да одговори на задачите, на предизвикот и да влезе да работи на овие делници, секако може да влезе во разговори со компанијата Бехтел и да се најде на пазарот во однос на овие проекти, вели Бочварски.
МИА/Мета