САД ќе се погрижат Украина да има доволно средства за да се бори во 2025 година, информираше американскиот државен секретар во заминување, Ентони Блинкен. При неговата посета на седиштето на НАТО во Брисел Блинкен рече дека САД ќе се „прилагодат и приспособат“ со најновата опрема што ја испраќаат, без да даде детали, јави „Гардијан“.
– Претседателот (во заминување) Бајден се обврза да се погрижи секој долар што го имаме на располагање да биде потрошен од сега до 20 јануари, кога новоизбраниот претседател Доналд Трамп треба да положи заклетва. Земјите на НАТО мора да ги насочат своите напори да обезбедат Украина да има пари, муниција и мобилизирани сили за ефикасно да се бори во 2025 година, или да може да преговара за мир од позиција на сила – рече Блинкен за време на кратката посета.
Тој, исто така, го повтори повикот другите сојузници на Украина да ја засилат помошта за Киев во форма на артилерија, воздушна одбрана, муниција и обуки за украинските трупи.
– Сметаме на европските партнери и другите силно да ја поддржат мобилизацијата на Украина.
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, рече дека Украина има „јасна слика“ за претстојната воена помош додека разговараше со Антони Блинкен.
– Имаме јасна слика, јасна временска рамка, јасни количини, за тоа што ќе ѝ биде доставено на Украина до крајот на годината. Ова ни помага стратешки да ги планираме нашите акции на бојното поле.
Помошта, додаде украинскиот министер, ќе вклучува оружје и средства за зделки за производство на оружје.
Сибиха рече дека е „внимателен оптимист“ откако разговарал со Блинкен за можноста за изведување длабоки напади врз Русија, како и за евроатлантската интеграција на земјата.
Администацијата на Бајден во заминување повеќепати нагласи дека ќе ги исплати преостанатите 6 милијарди долари ветена помош за Украина пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да стапне во Белата куќа на 20 јануари.
Трамп на некои клучни позиции веќе назначи луѓе кои јавно се залагаа за прекинување на воената помош за Украина.
Во Киев стравуваат дека со целосна контрола врз Конгресот на Републиканците во САД, новата администрација на Трамп ќе ја сопре помошта.
Во меѓувреме, британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон најавија дека ќе пробаат да го убедат Бајден да даде зелено светло за Киев да ги употребува ракетите со долг дострел „Сторм Шадоу“ на руска територија.
Во Германија, распадот на владата на Олаф Шолц и предвремените избори повторно го разгореа прашањето за можноста германските ракети „Таурус“ со долг дострел да ѝ бидат дадени на Украина.
Одлуката на Шолц да го смени министерот за финансии Кристијан Линднер кој предложи достава на ракетите беше една од причините за падот на владата.