Се очекува Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во среда да одржи подготвителна и главна седница на која ќе бидат соопштени цените на блок тарифите, изјави денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.
Тој рече декa цената по која граѓаните ќе ја плаќаат струјата по 1 јули годинава ќе зависи од тоа колкаво покачување на цената ќе побара универзалниот снабдувач ЕВН хоум, откако ЕСМ, од чија понуда најмногу зависи цената, во петокот понуди цена од 48 e/MWh на тендерот за снабдување на универзалниот снабдувач со електрична енергија за потребите на регулираниот пазар, што е зголемување од седум евра во однос на минатогодишната цена од по 41 евро за мегават-час.
Тој изјави дека заклучно со шести месец иако биле планирани 0 денари за набавка на струја од увоз, ЕВН Хоум заради, како што вели, некоректен однос на одредени индустриски потрошувачки и општини направи непланирана набавка од 33 милиони евра.
– Дополнително имаме ситуација да уредбата за кризна состојба се укина и исто така универзалниот снабдувач ќе има обврска да ја откупува електричната енергија и од повластените производители, тоа е некаде околу 10 милиона евра, и цената на ЕСМ е нешто повисока, од 41 евро на 48 евра за мегават часа, но притоа треба да се знае дека и ЕСМ ќе обезбеди загуби на електрична енергија во дистрибутивната мрежа по 143 евра за мегават час. Така да ЕСМ сериозно влијае на намалувањето на ризиците врз цената – истакна Бислимовски и подвлече дека не може во моментов да каже колкаво ќе биде зголемувањето на цените.
АД ЕСМ, во соопштение до медиумите, објави дека и годинава повторно ќе испорачаат 100 проценти за потребите на граѓаните и малите потрошувачи, иако законот им дава можност да испорачуваат енергија од само 60 проценти од потребите на ЕВН хоме. ЕСМ учествува со околу 32 проценти во цената за крајните потрошувачи.
МЕПСО и Електродистрибуција минатата недела веќе доставија барање до РКЕ за зголемување на нивниот дел во цената на електричната енергија за 60 до 80 отсто.