Со премиерот Димитар Ковачевски одиме во Абу Даби како продолжение на она што го правевме досега, да изнајдеме инвеститори со директни комуникации за нашите потреби, изјави вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими.
– Веќе кога имаме програма со ММФ и кога имаме јасни политики, таму ќе ги претставиме нашите макроекономски политики, развојните цели во нашата земја и ќе оствариме средби со претставници на неколку фондови – појасни Бесими во вестите на ТВ Сител, зборувајќи за претстојната посета на Обединетите Арапски Емирати.
Бесими рече дека еден од тие фондови, со кои ќе остварат средби, инвестира директно на меѓународните финансиски пазари.
Тој посочи дека една од темите на средбите со инвеститорите ќе биде и нашата еврообврзница за 2023 година.
– Има и развојни фондови што по поволни услови инвестираат во развојни проекти, било тоа да се инфраструктурни, проекти што се однесуваат и на приватниот сектор, агробизнис, туризам, зелени разојни проекти – наведе министерот.
Тој посочи дека ова е трета средба со претставници од Обединетите Арапски Емирати.
– Очекуваме да има нешто поконкретно на оваа тема. Има расположение, тие го познаваат нашиот пазар. Инвестицискиот фонд на Емиратите веќе има купено наши еврообврзници на аукции, така што не сме непознати за нивниот пазар – додаде министерот.
Бесими осврнувајќи се на заемот одобрен за земјава од ММФ, рече дека програмата со којашто е земен се издава исклучиво за земји што имаат здрави макроекономски политики и тоа е добриот сигнал за нас.
– Ова е двегодишна програма, а кога истекува програмата, следи период од три до пет години на исплата во еден грејс период. Каматните стапки се исклучително поволни, во поглед на тоа што се специјални права за влечење, од еден отсто за земјите како што сме ние до ниво на 187 отсто искористеност на специјалните права за влечење. Ние де факто го користиме тоа право како основач на ММФ во основачкиот борд, како сопственик имаме специјални права на влечење до кои можеме да ги повлечеме и сега. Ние во овој дел сме вклучени со износ на користење на тие права на влечење до 110 оваа година и 170 наредна година, а остатокот од 530 милиони ќе остане за претпазливост, доколку во исклучителни случаи се покаже потреба можеме и тие да ги повлечеме – објасни Бесими.