Стопанската комора на Северна Македонија соопшти дека ја продолжува соработката со „Бехтел и Енка” преку презентации во Прилеп и во Битола за тендерските процеси и за зајакнување на учеството во локалниот синџир на снабдување.
„Како дел од континуираните активности за унапредување на локалниот синџир на снабдување на проектот за автопатиштата од Коридорите 8 и 10д, претставници на Конзорциумот „Бехтел и Енк” ја презентираа платформата за соработка пред вработените во регионалните канцеларии на Стопанската комора на Северна Македонија во Прилеп и во Битола“, посочуваат од комората.
Стопанската комора истакнува дека овие состаноци имаат цел подобро да ги објаснат водечките принципи на тендерскиот процес на „Бехтел и Енка“ за зајакнување на учеството на локалните компании во проектот за изградба на автопатишта, што до денес, според информациите на „Бехтел и Енка“, кулминира со приближно 90 % домашни компании од подизведувачите и со 65 % од добавувачите.
„Во рамките на соработката со Стопанската комора, оваа иницијатива е насочена кон транспарентна соработка и кон поблиско запознавање на компаниите членки на Комората заради појаснување на процесите за соработка при реализација на работните активности за изградба на посочените коридори, со вкупна должина од 111 километри. Објаснувањето на тендерскиот процес се однесува на работи, услуги и на стоки“, се вели во соопштението на комората.
На состанокот биле дискутирани две клучни теми.
„Промоција на домашните компании: Стопанската комора и нејзините членки и претставниците на „Бехтел и Енка“ се согласија и нагласија дека интеграцијата на локалните ресурси и експертиза е од голема важност за успешно завршување на проектот“, информираат од комората.
Втората клучна тема на која се разговарало се „Процесите на соработка: постапки за учество на домашните компании во тендерските постапки и процеси на набавки“.
Стопанската комора и „Бехтел и Енка“ разговарале за процедурите за подобрување на комуникациите и на транспарентноста во рамките на овие процеси, како и за надминување на потенцијалните бариери.
„Конзорциумот „Бехтел и Енка“ преку оваа и преку големиот број средби со претставници на Стопанската комора ја потврдува својата намера да работи партнерски со домашните компании, но и да даде поддршка и појаснување во процесите на учество и на соработка“, се вели во соопштението.
Од „Бехтел и Енка“ објаснија дека со завршувањето на поголема експропријација „ќе има повеќе работни фронтови и повеќе можности за домашните компании“. Претставниците на Конзорциумот истакнаа дека се посветени на „создавањето услови за ефектно вклучување на домашните компании, со што ќе се овозможи поттик за локалната економија“.
Стопанската комора ја поздравува заложбата на Конзорциумот „Бехтел и Енка“, која, како што велат, „ќе значи креирање простор за работа и зголемено учество на домашните компании, кое, пак, неизбежно ќе доведе до значителна економска придобивка“.
Комората најави дека во следниот период заедно со „Бехтел и Енка“ ќе продолжи со организирање работни состаноци и презентации во регионалните канцеларии на Комората во Штип, Кавадарци и во Кичево.
„Овие активности ќе овозможат пошироко вклучување на локалните компании во изведбата на овој проект од национална и стратегиска важност“, посочуваат од комората.