Откако недела стана неработен ден животот масовно се пресели на бензинските пумпи – тие се истовремено игротеки, кафулиња, место за дружење, но и маркет каде што ќе се купи тоа што го снемало дома а токму тогаш затребало. Најчесто снемува леб, млеко, јајца, кафе, масло за јадење… Некои производи и претходно се продавале на бензинските пумпи, ама ако порано се трошеле по еден-два, сега се купуваат во поголеми количини.
– Откако недела е неработен ден има долги редици и гужви на пумпите во Скопје и ширум земјата. Не се бараат само главните продукти, туку и супи, зејтин, леб… Навалицата за прехранбени продукти е голема, па затоа го прошируваме и асортиманот на производите што ги нудиме. Секако, зголемено е и количеството на продуктите што ги продаваме, а сето тоа се должи на барање на потрошувачите – велат од една компанија која е застапена со бензински пумпи низ целата земја.
Од компанијата „Макпетрол“ потврдуваат дека со донесувањето на новиот закон за недела неработен ден постои поголем интерес за набавка на леб од страна на потрошувачите на нивните бензински пумпи.
– На одредени бензински станици на „Макпетрол“, леб се продава подолг период пред донесување на Законот за работа во недела и за државни празници. Моментно, немаме продажба на сите видови лебови. Со донесување на новиот Закон, за недела неработен ден постои поголем интерес за набавка на леб од страна на потрошувачите. Промената на законот, сепак, е релативно нова и сè уште е рано да се излезе со прецизни информации за степенот на побарувачка. Зголемување несомнено има, но нашиот првичен впечаток е дека тоа засега е незначително – велат од „Макпетрол“.
И таму бележат промени во навиките за купување на граѓаните.
– Како резултат на новиот закон можеме да забележиме одредени промени во навиките за купување други производи. Сепак, моментната груба проценка е дека продажбата на млечни производи (јајца, млеко и сл.), производи за домаќинство, пијалоци и тутунски производи, е незначително зголемена, доколку се спореди со периодот пред донесување на законот – додаваат од „Макпетрол“.
Граѓаните, пак, се задоволни што има можност каде да се снабдат со производи ако не стасале сѐ да купат претходните денови.
– Додека полнев бензин, дојде еден господин и побара леб. Се зачудив, досега никогаш не сум купила леб на бензинска, ама се заинтересирав и ја прашав продавачката каде сѐ продаваат леб. Информацијата ми беше многу корисна, сега знам ако нешто ми снема, каде можам да го набавам во недела – вели една скопјанка.