Рускиот министер за одбрана, Андреј Белоусов, пристигна во петокот во Северна Кореја на разговори со севернокорејските воени и политички лидери додека земјите ја продлабочуваат својата усогласеност околу руската војна против Украина, објави Асошиејтед прес.
Министерството за одбрана во најавата за посетата не прецизирало со кого ќе се сретне Белоусов, ниту, пак, ја посочило целта на разговорите. Ниту, пак, севернокорејските државни медиуми не ја потврдија посетата веднаш.
На фотографиите, објавени од руското Министерство за одбрана, се гледа како Белоусов оди заедно со севернокорејскиот министер за одбрана, Но Кванг Чол, на црвениот тепих, поставен на аеродромот во Пјонгјанг. Според Асошиејтед прес, севернокорејските воени претставници биле видени како плескаат под транспарент на кој пишувало:
„Целосна поддршка и солидарност со борбената руска армија и народ“.
Белоусов го поздравил „проширувањето“ на врските со Северна Кореја.
– Пријателските врски меѓу Русија и Северна Кореја активно се прошируваат во сите области, вклучително и воената соработка – рекол тој, цитиран од руските новински агенции за време на посетата на земјата.