Белорускиот претседател Александар Лукашенко потпиша декрет за суспендирање на учеството на неговата земја во Договорот за конвенционални вооружени сили (CFE), кој го ограничува движењето на воените трупи и оружје низ европскиот континент.
Указот, кој беше потпишан на 24 мај, беше објавен денеска во официјалниот весник на таа поранешна советска република, близок сојузник на Русија, која истовремено граничи и со Русија и со Украина.
Белорусија не е директно вклучена во војната во Украина, но ја даде својата територија на руската армија за да започне напад врз Украина во февруари 2022 година.
По жестоко оспорениот реизбор на претседателските избори во 2020 година, Лукашенко, кој е на власт во Белорусија речиси три децении, значително се приближи до Москва. Русија го поддржува неговиот режим финансиски, дипломатски и воено, пишува Франс прес.
Во 2007 година, Русија еднострано го суспендираше учеството во Договорот за конвенционални сили во Европа, со кој беше ограничена работната сила и опремата – тенкови, авиони, артилерија, од Атлантикот до Урал и предвидуваше меѓусебна размена на информации и инспекции. Таа е учесник во договорот од 1990 година.
Москва тогаш оцени дека договорот е анахрон и ја објасни својата одлука со одбивањето на западните земји потписнички, особено членките на НАТО, да ја ратификуваат новата верзија на Договорот адаптирана во Истанбул во 1999 година.
Според Русија, како услов за ратификација на Договорот, тие земји побарале почитување на посебните договори за повлекување на руските војници од Придњестровје во Молдавија и од сепаратистичките републики Грузија.
Во 2023 година, рускиот претседател Владимир Путин го потпиша официјалното излегување на Русија од Договорот CFE.
Договорот од 1990 година, преговаран и склучен на крајот на Студената војна и потпишан една година по падот на Берлинскиот ѕид, постави ограничувања на распоредувањето на воена опрема за одржување на воената рамнотежа меѓу НАТО и земјите од тогашниот Варшавски пакт.