Докторот и поранешен директор на Клиниката за токсикологија, Нико Беќаровски се огласи на социјалните мрежи после објавата дека македонски пиперки со забранет токсичен пестицид биле увезени во Хрватска.
Како што вели тој во неговата објава, во текот на неговите 33 години клиничка пракса, имал стотици вакви самоубиствени труења и со исклучок на неколку екстремно тешки случаи, сите други успешно заминувале од клиниката за 3-5 дена.
Тој информира дека консумирањето на пиперките кои се вратени од Хрватска, е исто толку штетно колку и јадењето на која било друга пиперка, прскана со кој било друг пестицид.
„Секако дека долгогодишно консумирање на производи третирани со ист пестицид, па и со овој, може да дадат последици по здравјето, но и кај земјоделците кои користат пестициди постои „мода“ па обично секои неколку години се користи нов пестицид“, пишува Беќаровски.
Тој додава дека одлуката на Хрватска е во согласност со регулативата на ЕУ, која пред сè служи за заштита на економските интереси на ЕУ и нивното производство со нивни пестициди.
„Да бев премиер на Македонија, вратениот контингент бесплатно ќе го поделев на социјалните слоеви на граѓани, кои поради високите цени овој производ се повеќе само го гледаат, а не може да си дозволат да го купат“, додава Беќаровски.
Агенцијата за храна и ветеринарство, вчера најави дека доколку пратката со небезбедните производи се врати во земјата, АХВ ќе издаде налог за нејзино нештетно уништување, кое ќе се реализира под надзор на инспекциските служби на Агенцијата.
Пестицидот форметанат е забранет во Европската Унија поради сомневање дека лошо влијае врз здравјето на луѓето.