Една жена која побегнала од Северна Кореја во Јужна Кореја поднела и граѓанска и кривична тужба против Ким Јонг Ун и против неколку високи функционери на режимот, обвинувајќи ги за систематско мачење и за сексуално насилство кое го претрпела за време на повеќекратното затворање во севернокорејските затвори, објави Гардијан.
Чои Мин Кјунг, 53-годишна жена која пристигнала во Јужна Кореја пред повеќе од 1о години, бара оштета од 50 милиони вона (околу 37.000 долари) од Северна Кореја.
Според нејзините адвокати и според организациите, вклучени во случајот, ова е првпат бегалка од Северна Кореја да покрене ваква правна постапка пред јужнокорејски судови.
– Поминаа 13 години откако се преселив во Јужна Кореја, но сè уште страдам од тешка траума поради последиците од мачењето и живеам зависна од лекови. Лузните по целото мое тело сведочат за ужасната реалност на човековите права во Северна Кореја – изјави Чои за Гардијан.
Чои побегнала од Северна Кореја во 1997 година, но била принудно вратена од Кина четирипати меѓу 2000 и 2008 година. За време на последната репатријација во 2008 година, поминала 5 месеци во 3 различни притворски центри во провинцијата Северен Хамгјонг.
Систематско малтретирање и мачење
Во тужбата, во која Гардијан имал увид, детално се опишуваат конкретни форми на злоставување – од сексуално насилство за време на груби и нехигиенски прегледи на телесните отвори без ракавици, до тешки претепувања што довеле до пукање на ушното тапанче и до губење свест. Се наведува и дека била приморувана да поминува повеќе од 15 часа дневно во неприродни телесни положби.
Еден од нејзините адвокати е Ли Јанг Хјун, исто така бегалец од Северна Кореја. Севернокорејскиот центар за човекови права, кој помогнал во подготовката на тужбата, најави дека случајот ќе биде искористен како основа за поднесување приговори до механизмите на ОН за човекови права и до Меѓународниот кривичен суд.
– Овој случај може да создаде правен преседан во јужнокорејската судска пракса, бидејќи речиси и да нема случаи што се однесуваат на злосторства против човештвото. Бидејќи и други жртви покажаа интерес за поднесување тужби, ова може да го отвори патот за колективни постапки и да помогне во поширок процес на барање одговорност – рече аналитичарот за човекови права Сонгјоп Ли.
Директна одговорност на Ким Јонг Ун
Ким Џонг Ун е наведен како директно одговорен во двата поднесоци, со акцент на неговата командна одговорност и бидејќи сите државни функционери делуваат под негова „ефективна контрола“.
Во тужбата се цитира и извештајот на Истражната комисија на ОН од 2014 година, која документира широк спектар на злосторства против човештвото во Северна Кореја, вклучувајќи мачење, сексуално насилство, произволни притвори и политички логори каде што се наоѓаат околу 80.000 до 120.000 луѓе.
Јужнокорејскиот устав ја третира Северна Кореја како дел од иста држава, поради што судовите формално имаат надлежност над вакви случаи. Во тужбата, како адреса за доставување документи, е наведена севернокорејската мисија при ОН во Њујорк бидејќи директна комуникација со властите во Пјонгјанг не е можна. Иако нема начин да се спроведе евентуална пресуда, нејзиното симболично значење, според адвокатите, може да биде огромно.