Научниците откриваат значителни разлики во развојот на цревниот екосистем на доенчиња родени кога има ограничувања за социјално дистанцирање, во споредба со доенчињата родени пред коронавирусот.
Изолацијата воведена за време на пандемијата на Ковид доведе до промени кај новороденчињата кои можеби ги заштитиле од алергии, според новото истражување, како што објави Sky News.
Ирските научници открија дека доенчињата кои се воспитуваат кога има ограничувања за социјално дистанцирање поради коронавирусот имаат повеќе корисни микроби добиени од нивните мајки по раѓањето, што може да дејствува како одбрана од болеста. Научниците веруваат дека ова доведе до тоа „бебињата во пандемија“ да имаат помалку алергиски состојби, во споредба со бебињата пред Ковид.
Наодите, објавени во списанието Алергија, ги истакнаа придобивките за здравјето на цревата за младите како резултат на изолацијата на Ковид-19, вклучително и пониски стапки на инфекција и последователна употреба на антибиотици и зголемено времетраење на доењето.
Екосистемот на природни бактерии во цревата, познат како микробиом, игра клучна улога за здравјето на луѓето. Истражувачите анализирале примероци од столицата на 351 бебе родено во првите три месеци од пандемијата, споредувајќи ги со групата пред пандемијата.
Примероците од столицата се собрани на возраст од шест, 12 и 24 месеци, а тестирање за алергија е направено на возраст од 12 и 24 месеци. Студијата ги истакна значајните разлики во развојот на микробиомот на бебињата родени во периодот на карантин во споредба со бебињата пред пандемијата.
Истражувањето покажа дека само околу 5% од бебињата во изолација развиле алергија на храна до една година, во споредба со 22,8% во групата пред Ковид. Помалку инфекции поради неизложеноста на бактерии, исто така, ја намалија потребата за антибиотици, кои ги убиваат добрите бактерии.
Само 17% од бебињата од изолација имаа потреба од антибиотици до возраст од една година. Во групата пред пандемијата, 80% од доенчињата земале антибиотици до 12 месеци.